Градот Портланд и сојузната држава Орегон поднесоа тужба со која се бара блокирање на најавената воена интервенција на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти државниот јавен обвинител Ден Рејфилд.
Тужбата е поднесена против Трамп, секретарот за одбрана Пит Хегсет и секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем.
Орегон се повикува на својот суверенитет над спроведувањето на законот и Националната гарда, која во повеќето држави се потчинува на гувернерот, а не на Претседателот.
Според тужбата, федерализацијата на 200 припадници на Националната гарда на Орегон за цивилно полициско ангажирање би претставувала кршење на законот. Слична интервенција во Лос Анџелес неодамна беше блокирана од суд во Калифорнија.
Трамп во саботата побара од Хегсет да ги испрати „сите неопходни трупи за заштита на војната уништениот Портланд и на нашите имиграциони центри под напад од Антифа и други домашни терористи“.
Претходно, Трамп испрати војници во Лос Анџелес и Вашингтон, а најави и распоредување на Националната гарда во Мемфис. Тој повеќепати се закануваше со испраќање трупи и во Чикаго.