Одредени македонски портали, познати по тоа што и до сега, на руската агресија врз Украина гледаа исклучиво низ дурбинот на Кремљ, продолжуваат ревносно да ги извршуваат задачите доставени од нарачателите, дистрибуирајќи ги наративите на руските пропагандисти.
Така и со најновата информација дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој во духот на неодамна променетата реторика ја продлабочува поддршката за Украина, откако неговите напори за унапредување на мировните разговори се во застој, потпиша дозвола за разузнавачките агенции и Пентагон да му помогнат на Кијив за ракетни напади со долг дострел врз енергетската инфраструктура на Русија. Оваа вест се чини особено ги вознемири московските мегафони во регионот, бидејќи ја засега најболната точка, енергетската инфраструктура на Русија и нејзиното производство и извоз на нафта и нафтени деривати, од каде се финансира руската воемна и пропагандна машинерија.
Без да се оди подлабоко за причината поради која Трамп се премисли и дозволи напади длабоко на руска територија, а тоа секако секојдневните руски ракетни и напади со дронови врз украинската цивилна инфраструктура во кои има голем број цивилни жртви, тие во текст со наслов „КРЕМЉ РЕАГИРА, НАТО ЌЕ Ѝ ЦРТА НА УКРАИНА КАДЕ ДА УДРИ? Mожни се напади врз мега-постројки внатре во Русија“, еднострано ја пренесуваат изјавата на (својот) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој обвинува дека САД редовно ѝ доставуваат разузнавачки информации на Украина преку интернет, коментирајќи ги наводите на „Волстрит џунал“ дека САД планираат да ѝ обезбедат разузнавачки податоци на Украина конкретно насочени кон нафтени рафинерии, гасоводи, нуклеарни централи и слична критична инфраструктура длабоко на руска територија.
Се пренесува и неговата изјава дека обезбедувањето и користењето на целата инфраструктура на НАТО и САД за собирање и пренесување разузнавачки информации на Украинците, според него е очигледно, иако разузнавачките информации од Вашингтон за Кијив еден период беа стопирани.
Иако се повикуваат на наводи на WSJ, нема ниту збор за тоа дека ваквиот развој на настаните доаѓа во време на променливата реторика на Трамп за војната во Украина, откако неговите напори за посредување во мир меѓу Кијив и Москва досега не успеаја, а Трамп е фрустриран од рускиот претседател Владимир Путин и неодамна ги даде своите најпроукраински изјави досега.
При крајот на текстот додаваат дека, според написот на „Волстрит џурнал“ новото споделување информации за локации на постројките е со цел да ѝ се стане на патот на Русија во користењето и продажбата на гориво, болната точка за финансиите на пропагандистите.
Зголемената руска пропаганда во дел од македонските медиуми во пресрет на локалните избори има повеќекратни цели, кои се во корелација во пошироката стратегија на Кремљ за влијание во Европа, на Балканот, вклучително и во Северна Македонија.
Руската пропагандата, преку погодни медиуми во Северна Македонија, која е членка на НАТО и претендент за влез во ЕУ, се стреми да ги прикаже Алијансата и ЕУ како лицемерни, корумпирани, непријателски настроени, со што треба да го ослаби кредибилитетот на овие институции кај граѓаните.
Целта на зголеменото присуство на руските пропагандни наративи е создавање амбиент на недоверба, нестабилност, назадување на демократските процеси и забавување на евроатлантските интеграции, со што Северна Македонија би останала подложна на руско влијание и ранлива за идни геополитички игри.
Понекогаш доволно е да се постават прашања, да се користат селективни факти или да се имплицира вина, за да се создаде перцепција кај читателите. особено во предизборен период, кога јавноста често е бомбардирана со „ексклузиви“ и „скандали“ што звучат шокантно, но не секогаш се поткрепени со факти. Наместо докази, често се користат техники што создаваат сомнеж и недоверба кон политичките противници.
Драган Мишев, во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридните закани (ЦХТМ)