Скопјани утрово имаат вода, но снабдувањето сè уште е со намален притисок, откако вчера голем дел од градот остана без водоснабдување поради пукната цевка во населбата Влае.
Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека проблемите започнале со повеќе краткотрајни прекини на електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец. Тие предизвикале варијации во притисокот на пумпниот систем, што довело до дефекти на главната водоводна линија Ф-600 и во една шахта на Ф-400 кај бунарите.
„Поради овие дефекти, во повеќе делови од градот дојде до прекин на водоснабдувањето. По интервенцијата на нашите екипи, снабдувањето постепено се стабилизира за да се спречат нови дефекти и дополнителни оптоварувања на системот“, соопштија од претпријатието.
Според Центарот за управување со кризи, дефектот се случил на улицата „Франце Прешерн“ во Влае, каде што истекувањето на вода предизвикало поплави на улицата и во околните дворови.