Американската суперѕвезда Тејлор Свифт отворено проговори за љубовта, новата музика и семејството, само неколку дена по објавувањето на нејзиниот 12-ти студиски албум „The Life of a Showgirl“. Интервјуто беше емитувано на „The Morning Mash Up“ на SiriusXM.
Свифт откри дека снимањето на новиот албум ѝ донело свежина и енергија во текот на исцрпувачката Eras Tour.
Таа нагласи дека никогаш досега немала толку голема радост во создавањето и слушањето на сопствена музика. „Овој албум прецизно одговара на тоа каде сум во мојот живот во моментов“, рече таа.
Во интервјуто, 14-кратната Греми добитничка зборуваше и за нејзиниот свршеник, НФЛ-ѕвездата Тревис Келси. „Тој е еден од оние луѓе за кои веднаш знаете дека се најдобри. Како никој друг на планетата“, рече Свифт.
Таа се осврна и на својата блиска пријателка Селена Гомез, која неодамна се омажи за музичкиот продуцент Бени Бланко. „Не само што беше најубава невеста, таа беше најубавото нешто што некогаш сум го видела“, изјави Свифт, додавајќи дека Гомез „навистина го заслужува сето тоа“.
Свифт зборуваше и за здравјето на својот татко, кој оваа година претрпе петкратен бајпас. „Сега е одлично. Летото најмногу го посветивме на тоа како семејство да се грижиме за него“, рече таа, упатувајќи благодарност до медицинскиот тим кој се грижеше за неговото закрепнување.
Со овој албум и новиот период во нејзиниот живот, Свифт ја спојува музиката, љубовта и семејството, покажувајќи дека и најголемите ѕвезди црпат сила од блиските луѓе.
Редакција Фронтлајн