Американскиот претседател Доналд Трамп во денешното обраќање во израелскиот парламент, изјави дека сака да постигне мировен договор со Иран, откако САД и Израел летоска извршија напади врз иранските нуклеарни објекти.
– Би било одлично ако можеме да направиме мировен договор со Иран. Дали би биле среќни поради тоа? Зарем нема да биде убаво? Мислам дека тие тоа го сакаат, рече Трамп.
Според „Гардијан“, САД, европските сојузници и Израел го обвинуваат Техеран дека ја користи нуклеарната програма за да ги прикрие обидите за развој на нуклеарно оружје, додека Иран тврди дека неговата програма е исклучиво мирољубива.
Пред 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни, Техеран и Вашингтон одржаа пет рунди нуклеарни преговори, но се соочија со големи пречки, како што е збогатувањето ураниум на иранска територија, кое западните сили сакаат да го сведат на нула.
Истовремено, Трамп истакна дека во Либан „бодежот на Хезболах“ насочен кон Израел бил „целосно уништен“.
– Мојата администрација активно го поддржува новиот претседател на Либан и неговата мисија за трајно разоружување на бригадите на Хезболах, рече Трамп.
И покрај примирјето со Хезболах од 2024 година, Израел продолжува да врши напади врз Либан, тврдејќи дека Хезболах се обидува да ги обнови своите сили по големите загуби во војната.
Покрај тоа, шефот на ОН за човекови права, Волкер Тирк, претходно овој месец повика на обнова на напорите за трајно запирање на непријателствата во Либан.
До крајот на септември, Обединетите нации потврдија смрт на 103 цивили во Либан од почетокот на примирјето. Либанската влада првично планираше да го разоружа Хезболах до крајот на годината, но подоцна беше соопштено дека ресурсите за исполнување на тој рок се ограничени.