Неполни два дена остануваат неодговорени нашите прашања упатени до премиерот Христијан Мицкоски во врска со посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на 15 октомври, која заврши без заедничка изјава. Прашањата што останаа без одговор, испратени преку официјалната мејл адреса на портпаролот, беа едноставни:
- Зошто немаше заедничка изјава по посетата?
- Дали има промени во позициите на двете страни по оваа посета?
Да потсетиме, по посетата, Фон дер Лајен се задржа само на објава на Х во која се вели „топката е во вашиот двор“.
„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен.
Одговор на овие прашања побаравме и од партискиот ветеран и еден од основачите на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Оливер Андонов.
„Ние како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ одамна предупредивме на еден ваков исход од политикантството на Мицкоски и недемократскиот и антиевропски однос на неговата влада. Имено, упорно и внатре во партијата пред сопартијците и во македонската јавност пред нашите сограѓани, укажувавме дека трпението на ЕУ кон владата на Мицкоски нема да биде бесконечно“, ни одговори Андонов во преписката што ја почнавме откако стана јасно дека владата нема одговор на нашите прашања (до 14:30 часот на 17 октомври).
Во преписката, Андонов меѓу другото напиша и дека ЕУ му даде можност на Мицкоски „за спроведување на заедничките надворешни и безбедносни политики со ЕУ“.
„По 15 месеци влада и демократското постапување на ЕУ давајќи му на Мицкоски можност за спроведување на заедничките надворешни и безбедносни политики со ЕУ, демократско владеење и приближување на Македонија кон ЕУ, очигледно е дека ЕУ јасно гледа по кој пат Мицкоски како премиер ја движи државата“, стои во одговорот на Андонов.
Нашиот соговорник остро ја критикува политиката на својот партиски колега, па вели дека „во потполност се сопрени процесите за членство во ЕУ и тоа исклучиво и само заради спроведувањето на антимакедонски и антиевропски политики од страна на владата на Мицкоски кои при тоа за своето политикантство јавно, посебно пред македонската јавност ја обвинува ЕУ“.
Затоа, според Андонов, „во една ваква ситуација потполно е очекувано да нема заедничка изјава на премиерот Мицкоски и претседателката на ЕК фон дер Лајен“.
Понатаму, Андонов смета дека „ова е јасна дипломатска, предупредувачка порака не само до Мицкоски, неговата влада и државниот и политички врв на Македонија.
„Ова е и јасна порака до граѓанките и граѓаните до целата нација. Треба да разбереме дека на ЕУ ѝ е јасно какво политикантство се води во Македонија и тука нема разлика помеѓу владата на Мицкоски и СДС на Филипче, посебно затоа што со овој вториот госпоѓата фон дер Лајен не се ни сретна“, напиша Андонов во преписката со ЦИВИЛ.
Нашиот соговорник верува дека Фон дер Лајен, во својата шатл дипломатска мисија во Скопје, „ги пренесе најотворено ставовите и пораките на целата ЕУ до Мицкоски и не сакајќи да му дозволи повторно при една заедничка изјава да манипулира со македонската јавност во нејзино присуство, претседателката на ЕК наједноставно на Твитер испрати порака до целата нација: Вие сте на потег“.
Андонов го коментираше и официјалното соопштение на владата по посетата на претседателката на ЕК.
„Сосема очекувано е соопштението на Мицкоски и владината прес служба на социјалните мрежи и медиумите со опширни образложенија за што сè се разговарало. Тоа е наменето за политикантски лаги и измами на граѓаните, по еден ваков би го нарекол јавен дипломатски пораз на јаловата надворешна ‘политика’ на Мицкоски и манипулација со македонските граѓани“, ни напиша Андонов.
Тој смета дека преку недавањето заедничка изјава, Фон дер Лајен му покажа на Мицкоски до каде е стигната работата по само 15 месеци, особено сега во новата геополитичка констелација кога сите очи на ЕУ се насочени кон помошта на Украина во што Македонија во моментов не учествува.
Затоа јасна е пораката на ЕУ – ВИЕ СТЕ НА ПОТЕГ, цитира Андонов и додава: „Тука завршува секој понатамошен коментар или политикантско оправдување на владата на Мицкоски пред македонската јавност“.
Во Внатрепартиската фракција очекуваат токму поради недемократските и анти-ЕУ тенденции на владата, пораките на претстојниот самит на Западен Балкан во Лондон да бидат многу подиректни.
„Од ‘драг мој Христијан’ на Марта Кос пред три-четири месеци во Скопје, Мицкоски стигна до кратка тет-а-тет средба со фон дер Лајен и Твитер порака за македонската јавност – ВИЕ СТЕ НА ПОТЕГ”, заклучува Андонов во својата преписка со ЦИВИЛ.
Одговор на овие прашања не добивме од премиерот до 14:30 часот (го проверивме и фолдерот за спам). Ако одговор воопшто пристигне, ќе биде објавен.
Џ. Дерала / Цивил Медиа