Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу, во видео обраќање упатува порака до жителите на оваа скопска општина дека ќе стави крај на понижувањето и по добивањето на довербата за градоначалник веднаш ќе започне со системска акција за чистење на отпадот, се вели во соопштението од ДСР, што МИА го објавува интегрално.
„Секој здив во Шуто Оризари денес носи понижување. Миризбата од ѓубрето ни ја понижува секоја улица, ни ги гуши децата. Доста е“, истакнува Салиу.
Во пораката, Салиу најавува конкретни мерки уште од првиот ден на градоначалничкиот мандат.
„Првиот ден како градоначалник ќе донесам една јасна одлука: Шуто Оризари ќе дише чисто. Ќе започнеме со вонредна акција за чистење — без одложување и без изговори,“ порачува Салиу.
Тој додава дека приоритет ќе биде и долгорочно решение за отпадот.
„Ќе донесеме инвестиција за фабрика за отпад која произведува енергија. Ќе го рециклираме отпадот, а општината ќе биде енергетски одржлива. Ќе создадеме нови работни места за нашите луѓе во Шуто Оризари,“ вели претседателот на Демократските сили на Ромите(ДСР) и кандидат за градоначалник на Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу.
Салиу ја нагласува и моралната обврска кон најмладите и повикува на граѓанска мобилизација и гласање за бројот 24.
„Ова е збор пред вас, пред народот: нашите деца заслужуваат воздух, не срам. Браќа и сестри Роми, ова е нашиот час за промени. Шуто Оризари ќе дише. И тоа ќе се види“, вели Салиу.