Во услови кога Европската Унија се соочува со исклучително предизвикувачки геополитички пејзаж, подеднакво е важно да се справиме и со секојдневните грижи на европските граѓани поврзани со достапноста до домување, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
– Кризата со домувањето има опасно тројно влијание. Влијае на основните права на граѓаните, негативно влијае на конкурентноста и ја поткопува довербата во нашите демократски институции, изјави Кошта на прес-конференцијата по состанокот со претставници на Европскиот комитет на регионите и Европскиот економски и социјален комитет.
Поради ова, Кошта најави дека на утрешниот Самит на ЕУ, една од темите на дневниот ред ќе биди домувањето, со што лидерите на земјите членки на Европската Унија ќе дебатираат за ова критично прашање на највисоко ниво.
– Иако ова е област што останува првенствено е во надлежност на националните, регионалните и локалните власти, клучно е ние, како европски лидери, да разговараме како Европската Унија може да ги поддржи овие напори, рече Кошта.
Според него, проблемот со домувањето не ги засега само најранливите групи граѓани – бездомниците и домаќинства со ниски приходи, туку и младите и средната класа.
– Институциите на Европската Унија се целосно ангажирани да помогнат во справувањето со оваа криза. Целта на утрешната дискусија на Европскиот совет е да им се понуди политичко водство на Комисијата и на Советот во подготовка на плановите за прифатливо домување. Но, во врска со оваа многу важна и многу драматична криза што ги погодува милиони европски граѓани, важно е да бидат слушнати и мислењата на градоначалниците, регионалните лидери, работниците, компаниите и граѓанското општество во Европа, додаде Кошта.