Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на итни разговори за прекин на борбите во Судан откако паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) вчера го зазедоа градот Ел Фашер, јави ДПА.
Гутереш ги повика и суданските вооружени сили и РСФ без одлагање да го контактираат неговиот претставник за Судан, Рамтане Ламамра, и „да преземат брзи, опипливи чекори кон договорно решение“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик во соопштение, пренесено од германската агенција.
Генсекот на ОН е „длабоко загрижен“ од неодамнешната ескалација на борбите и ги осуди пријавените прекршувања на меѓународното хуманитарно право.
Дужарик додаде дека Гутереш е „длабоко вознемирен“ од континуираниот проток на оружје и борци во Судан, што, според него, ја влошува веќе очајната ситуација.
Доцна синоќа по локално време ЕСФ го зазедоа Ел Фашер, последниот голем град во завојуваниот западен регион Дарфур, кој остана под контрола на армијата. Армијата соопшти дека се повлекла од градот, каде што сè уште живеат до 300.000 луѓе, проценуваат ОН.
Дужарик додаде дека мора да се овозможи хуманитарната помош брзо и без пречки да стигне до цивилите.
Ел Фашер и околните области се „епицентар на страдање“ повеќе од 18 месеци, а гладот, болестите и насилството секојдневно одземаат животи, рече тој.
Судан е зафатен од брутална борба за власт од април 2023 година помеѓу де факто владетелот Абдел-Фатах ал-Бурхан и неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагало, кој командува со РСФ, потсетува ДПА.
Набљудувачите стравуваат дека конфликтот би можел да доведе до трајна поделба на земјата, додека ОН ја смета ситуацијата во Судан за најголема хуманитарна криза во светот.





