Град Скопје преку своето Одделение за односи со јавност излезе со остро соопштение во кое директно го обвинува премиерот Христијан Мицковски дека стои зад, како што велат, „режиран хаос“ во работењето на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
„Како ќе функционира ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје во следните пет дена прашајте го премиерот Мицковски, кој лично од својот кабинет го наредува овој хаос, кој воедно и го најави како ‘интересна разврска’ на прес-конференција непосредно пред да се случи,“ стои во соопштението на Град Скопје.
Оттаму потсетуваат дека претседателката на Управниот одбор на претпријатието, назначена од ВМРО-ДПМНЕ, е, како што наведуваат, „осуден криминалец за две кривични дела во 2006 и 2022 година“.
„Го повикуваме премиерот Мицковски да го повика Управниот одбор на ‘Комунална хигиена’ согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија, во случај да донесе одлука за разрешување на директорот, и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност,“ се наведува понатаму.
Во соопштението се додава дека „Мицковски го тероризира градот со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата за да сее страв и врши репресија пред избори“.
Град Скопје му упати и три прашања до премиерот, барајќи објаснување зошто, како што велат, не се применува ист третман кон други јавни претпријатија низ државата:
„Дали е приведен директорот на ЈП Тетово за еко хаваријата со отпадот во Вардар и зошто не?
Дали е приведен директорот на ЈП Гази Баба за отпадот во Јурумлери и зошто не?
Дали е приведен директорот на ЈП ‘Чистота и зеленило’ Куманово за отпадот низ Куманово и зошто не?“
Соопштението завршува со порака:
„Или таму режимскиот диктатор Мицковски не дал наредба да се апси?“
Соопштението е потпишано од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.





