Десет лица се хоспитализирани, од кои девет со повреди опасни по живот, по напад со нож во воз, што синоќа патувал низ англискиот округ Кембриџ, јави Би-Би-Си.
Британската полиција го примила првиот повик за нападот во возот што сообраќал од Донкастер до Кингс Крос во 19:39 часот по локално време, по што пристигнала на местото на злосторството и уапсила двајца мажи, јавуваат британските медиуми.
Подоцна полицијата соопшти дека десет лица се во болница, од кои девет со повреди опасни по живот, наведува Би-Би-Си. Во моментов нема смртни случаи. Полицијата потврдила дека на местото на настанот се испратени и сили за борба против тероризмот, додава Би-Би-Си.
– Вооружени полицајци реагирале на инцидентот кратко пред 20 часот и успеале да го совладаат напаѓачот. Уапсени се две лица. Имаше повеќе убоди со нож, изјавил Бен Обез-Џекти, пратеник во британскиот Парламент од Хантингдон.
Тој посочи дека очигледно е дека станува збор за многу сериозен инцидент
– Патував во економска класа. Слушав музика и одеднаш видов луѓе како трчаат покрај мене. Еден човек прободуваше со нож секого кој ќе сретнеше. Неколкумина од нас се погледнавме, мислејќи дека можеби е шега за Ноќта на вештерките. Но, од изразите на нивните лица сфативме дека ситуацијата е сериозна и почнавме да бегаме. Сите беа во паника, некои од повредените исто така трчаа и нè предупредуваа сите нас, изјави очевидец.





