На третата, претпоследна, онлајн прес конференција на ЦИВИЛ беа презентирани следните извештаи од теренот:
На ИМ 2972, ОУ „26 јули“, Шуто Оризари – лице кое било пуштено на викенд од затворот во Шуто Оризари, го има при проверка со фингерпринт, но го нема во Избирачкиот список. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа. Истото му се случило и во првиот круг, но тогаш му дозволиле да гласа и го завеле случајот во дневникот за евиденција. Откако овој пат не му било дозволено да гласа, тој, според набљудувачот на ЦИВИЛ, изјавил дека не сака да прави проблем да не заврши повторно во затвор.
Ова се случило со неколку лица што биле пуштени на викенд, избирачкиот одбор не им дозволил да гласаат.
До аналитичкиот тим на ЦИВИЛ во текот на денот пристигнаа повеќе од 230 пораки и извештаи од теренот, од кои барем една третина се обработени и верификувани. Постојано се зголемува бројот на граѓанките и граѓаните што пријавуваат нерегуларности.
Во текот на изборниот ден до аналитичкиот тим на ЦИВИЛ пристигнаа извештаи во повеќе категории од кои се издвојуваат:
- Нарушување на тајноста на гласањето
- Притисоци и кршење на изборниот молк
- Наводи за изборен поткуп
- Починати лица во Избирачкиот список
- Непристапни избирачки места
- Непрописно работење на изборната администрација
Изборот што го направи тимот на ЦИВИЛ за оваа прес конференција, ги вклучува следните извештаи:
ИМ 1192, во Пензионерски дом Крушево е непристапно. Граѓаните имаат тешкотии да го остварат своето гласачко право, бидејќи до влезот во избирачкото место водат повеќе од 10 скали.
Исто така во Куманово, на две избирачки места во ИМ 1043 и 1073 партиски набљудувачи запишуваат со пенкала на кое има партиски симбол – водат евиденција за тоа кој дошол на гласање, а кој не.
Во Кичево пред ресторанот Арабела, отворен е штаб на една политичка партија каде што се бележи големо раздвижување на луѓе. Во Кичево се бележи и засилено присуство на полиција.
На ИМ 1021, Работнички универзитет „Професор Мијалковиќ“, Куманово – Избирачкиот одбор ѝ кажал на наша набљудувачка дека не биле известени дека може да набљудува – имале список само од партиите. Се јавиле по телефон и го сликале овластувањето за да прашаат. Кога извршиле проверка ѝ дозволиле да набљудува.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
Преземено: Цивил Медиа





