Во моментов од работа од јавните претпријатија се отстранети вкупно 371 лице, кои или не оделе на работа или пак вршеле злоупотреба на своето работно место, а сето тоа го плаќале граѓаните. Активностите за откривање на злоупотреби во јавните градски претпријатија ќе продолжат и во наредните денови, изјави синоќа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека до него дошла информација и за други злоупотреби, како што истакна, поткрепена со документи.
– Изминатиот период биле ангажирани возила за чистење во „Комунална хигиена“ и тие возила се плаќани на име на физички лица на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра, така што повикувам да се вклучат институциите надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизија и еве вечерва ве информирам дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во „Комунална хигиена“, рече Ѓорѓиевски пред почетокот на акцијата за чистење на Градот Скопје.





