Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонија не го сфати трагичниот карактер на животот кој мора да се уништи за да се одржи.
Да стави зимски гуми за новата историска сезона.
На излезот од југословенската колепка и при разделбата со комунистичката негувателка.
Да влезе во нова димензија.
Да се ресетира.
Наместо тоа, помисли дека со југословенската комоција ќе може да продолжи ако во политиката внесе повеќе од македонските народни приказни, фолклорот и лажните митови.
Ако сторијата за независноста ја втемели врз одбраната на македонскоста од внатрешните и надворешни непријатели.
Запишани во стереотипите.
Не врз нејзиното менување.
Во самостојноста влеговме со национална матрица со која уште на почетокот удривме во ѕидот на стварноста.
Уште ја носиме џумката на главата.
Оти од тогаш навака, од тој судир со Грција, секој ден удираме во тие ѕидови меѓу кои се жестиме како во некој кафез.
Наместо ние да го уништиме животот кој стана неподнослив, па дури и невозможен во новите околности, животот преку својот атентатор со четирите свети букви, се појави да не уништи нас.
Со се сите основи за каква било ревитализација.
Можеби нема да можеме да се оддалечиме од чувството дека припаѓаме на некое племе, но мораме на некој начин да го релативизираме, односно да постапиме сосема спротивно од доктрината на вмро која инсистира на тоа чувство како на ортома за бесење на Македонецот.
Бесмислено е и глупаво да му даваме толкаво значење на случајот со раѓањето, на просторот во кој сме дошле на свет.
Тоа што се случува и кај нас и во светот на високиот бран на ултрадесниот популизам со фашистички бои, само укажува на смртоносната опасност за народите за луѓето и за цивилизацијата, пострашна од атомската бомба односно укажува на потребата луѓето да бидат порелаксирани кога се повикуваат на една земја, на еден народ или раса, ако веќе не можат да престанат тоа да го прават. Македонците се први кои од тоа треба да извлечат заклучок. Во тоа се крие дел од животот што требаше и треба да го уништат за да се задржат себе си на полето за културен натпревар меѓу народите.
Мудроста е космополитска, тоа многу добро го разбрале стоиците. Гете, после поразот кај Јена, одбил да се придружи на патриотскиот жар на својата земја и му забранил на својот син да стапи во ослободителната војска, а самиот се занимавал со селектирање на своите гравири. Според него, „најзлобните земји имаат најдобри патриоти”.
Крвта не само што не ја прочистивме, туку ја загадивме со вморонскиот антракс. Културата не можеше да доведе ниту до индивидуализација ниту до стопување во колективитетот.
Одбиваме да сфатиме дека прашањето на историската инфериорност не може да се реши со хвалоспеви конфронтирачки со соседите и со светот, туку со соочување со вистината за себе, колку и да е болен тој процес.
Се сомневаме во сопствената улога, во својата вредност, во својата задача, во длабочината на душата, всушност, повеќе во неа не веруваме. Под површината на фалбаџиството, нихилисти сме до очајување. Разуверени сме колку што не е дозволено да се биде на колективно ниво.
Припаѓаме на земја со минорна судбина, но трагична, неуспешна земја низ чии цели секогаш профучувала историјата како тежеве воз покрај селска станица.
Ние не се откажуваме од себе, но животот се откажува од нас.
Тоа е суштината на сета приказна со вмро, но и на целата заедница.
На драмата околу евроинтеграциите со блокади кои се образлагаат со шеми кои не би поминале ниту во една градинка. Идентитетот ќе ни го сменеле, бараме гаранции дека нема да ни го сменат, блаблабла.
Но, вака сме сведени на идентитет кој нема никаква друга функција освен да се камшикува себе си како некаков верски фанатик од Опус деи.
Со камшикот на македонизмот со крај од метални додатоци од комитлак, свети букви, славни јунаци, кои преку крвта што ја пуштаат, ја претвораат болката во оргазмички задоволства.
„Ние сме земја богата со лудаци од секаков тип, но овие не се од тука. Овие се нова алка во еволуцијата. Земјотресот во Непал, цунамито во Фукушима, главосечачките процесии во Сирија и во Ирак и путинската инвазија врз Украина, во едно. Добро, и епидемијата на ебола во Уганда!
Има нешто карпентеровско, што ни кине по едно парче од куќата секој ден, сега сме оставени на школката во вецето, но чудовиштето ни влага во шупакот, па ни се вовлекува во гркланот и не ни дава да дишеме, ушите ни ги лигави со некоја смола, а во мозокот се јавува во форма на бели црви кои инсталираат чиста глупост. На житните полиња остава трага од четири свети букви: ВМРО!”
Вака сум пишувал во мај 2015.
Ми падна в очи дека уште тогаш сме ја регистрирале путинската агресија врз Украина.
Мислам дека сум промашил со констатацијата дека следбениците на најголемите психопати во македонската политика, и тогаш и денеска, не се оттука.
Оттука се и не само што се оттука туку тие се излезени од коскената срж на македонскиот народ, од неговото самонегаторско битие, од предноста што ја дава на распојасаноста пред одговорноста за себе и за општото добро.
Од плитката историска, државна, национална, културна и граѓанска втемеленост.
Од невозможноста да се конституира како нација во услови на демократија и слобода, без системот кој му беше дал убава компензација за полипите на самодеструкцијата што му ги ошиша.
Златен социјалистички кафез со отворени врати.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.




