ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

Интервју со д-р Благица Петрески: Буџетот за 2026 година е изграден врз нереално високи проекции на приходи

November 17, 2025 11:56
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ЕКОНОМИЈА, ИНТЕРВЈУ, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Извршната директорка на „Фајнанс Тинк“, д-р Благица Петрески, во интервју за Фронтлајн предупредува дека буџетот за 2026 се темели на преценети приходи, со ризик од ран ребаланс. Таа нагласува дека растот на платите и пензиите без придружен раст на продуктивноста ја одржува инфлацијата висока, а дигитализацијата без структурни реформи нема да ја намали сивата економија. Дополнително, скриените долгови на институциите и растечките трошоци во јавниот сектор ја прават фискалната стабилност ранлива

Фронтлајн: Колку се остварливи проектираните 12,1% раст на буџетските приходи, имајќи предвид дека во првите девет месеци од 2025 година е реализирано само 67% од планираното? Што реално може да се очекува во 2026?

д-р Благица Петрески: Буџетските приходи се проектирани да растат за 3.5%, сметано според буџетираните приходи за 2025 година. Тој номинален раст е реалистичен, дури би рекла и потценет ако за 2026 планираме реален раст на БДП од 3.8% и инфлација од 2.5%.

Меѓутоа, проблемот се јавува што проекцијата во буџетот 2025 е нереално да се оствари, на што ние како Finance Think укажавме уште лани, а сега може да се види и по тоа што за 9 месеци имаме реализација на приходите од 67%, односно помалку од она што би била некаква пропорција согласно на времето изминато во годината. Така доаѓаме до фактот дека за 2026 повторно се проектира износ на буџетски приходи кој има значајно висок номинален раст.

Во 2026 не треба да очекуваме драматичен скок, туку умерен номинален раст од околу 6%, согласно реалната динамика на економијата. Сè друго би било „козметика на хартија“, која само ќе создаде притисок буџетот да се ребалансира уште во првата половина од годината. Притоа, причината не е само во економските услови – туку и во тоа што борбата против сивата економија и контролата на наплатата на приходите, иако забележаа одредени позитивни поместувања, остануваат со своите слабости.

„Буџетот за 2026 се темели на преценети приходи – сè што е над умерен раст од околу 6% е само козметика на хартија што ќе нè доведе до ранен ребаланс.“
д-р Благица Петрески

Фронтлајн: Дали покачувањето на платите за 7% и пензиите за 9,7% без раст на продуктивноста може да создаде нови инфлаторни притисоци? Како ќе се одрази ова на долгорочната ценовна стабилност?

д-р Благица Петрески: Да, може. Платите и пензиите растат значително побрзо од она што економијата реално го создава како додадена вредност. Тоа значи дека во системот се влева свеж номинален доход, кој ја храни потрошувачката и ја одржува инфлацијата на „лепливо“ високо ниво. Во вакви околности, инфлацијата може да остане упорно поголема од таргетот, дури и при рестриктивна монетарна политика.

Долгорочно, ова ја разјадува ценовната стабилност и ризикува да создаде спирала: поголема потрошувачка – повисоки цени – барања за ново зголемување на плати и пензии. Излезот е само еден: раст на продуктивноста, кој мора да биде резултат на структурни реформи, а не на административни одлуки.

Ваква состојба во која инфлацијата демонстрираше значајна „лепливост“ видовме летово, кога имавме забрзана динамика на инфлацијата, како и ситуација во која растот на цените кога ќе се исклучат цените на храната и енергијата беше повеќе месеци повисок од вкупниот раст. Сега, во последните податоци од октомври, се забележува смирување: вкупната инфлација беше нешто под нулата, кај храната околу нулата кога се гледа месечната динамика, што укажува на смирување, додека гледано на годишно ниво, вкупната инфлација беше иста или нешто повисока од таа кога се исклучуваат храната и енергијата. Сметам дека неопходна и исклучителна внимателност од фискалната страна особено, за да овие постигнати резултати се задржат на потрајна основа, и така да се создадат околности проекцијата од 2.5% инфлација во 2026 да стане остварлива.

Фронтлајн: Зошто административните мерки како е-фактури и дигитализација не се доволни за намалување на сивата економија? Кои структурни реформи реално би донеле резултат?

д-р Благица Петрески: Е-фактурите, дигитализацијата и модерната царина се корисни алатки – но тие сами по себе не водат до формализација. Не би сакалa да бидам погрешно сфатенa – е-фактурата и дигитализацијата на процесите се насушно потребни за една современа, транспарентна и функционална економија. Почетокот со е-фактура во 2026 година е чекор што го поздравувам, и тој претставува важен сигнал дека државата конечно почнува да ја гради инфраструктурата која ќе овозможи подобра следливост на трансакциите, поголема отчетност и пониски административни трошоци за фирмите. Но токму тука е и суштината: ова се неопходни, но сами по себе недоволни мерки за вистинско намалување на сивата економија.

Причината е што дигиталните алатки, колку и да се корисни, го решаваат пред сè административниот дел од проблемот. Тие го олеснуваат процесот, го прават потранспарентен и создаваат услови за подобро следење. Но не ги допираат економските мотиви поради кои одреден дел од фирмите и работниците избираат да останат во неформалната зона. Неформалноста не е резултат само на „хартија и печат“, туку на трошоци, на стимулите на пазарот, на слабата инспекциска координација, на недоволната доверба меѓу институциите и бизнисот, и на околности во кои формализацијата понекогаш изгледа поскапа од неформалноста.

За да има реални резултати, потребна е интегрирана стратегија која не се ограничува на технички решенија, туку поставува јасни индикатори, рокови и институционална одговорност. Потребна е инспекциска контрола која функционира како единствен систем, а не како три паралелни служби кои често не разменуваат информации. Потребни се мерки што ќе ги намалат трошоците за формално вработување, особено за микро бизнисите, кои и најчесто оперираат на границата меѓу формалното и неформалното поради нивната ниска профитабилност.

Исто така, мора да се подобри функционирањето на пазарот на труд, затоа што неформалните исплати не се само даночен проблем – туку и резултат на структурни слабости, како недостиг на работна сила во одредени сектори, ниска продуктивност и ограничена мобилност на работниците. Над сè, мора да постои меѓусекторска координација која денес практично ја нема, па борбата против сивата економија се сведува на фискално прашање, наместо да се третира како комплексна структурна реформа.

Токму затоа дигитализацијата е потребен, но не и доволен услов. Ако не се допрат суштинските економски и институционални причини поради кои неформалноста е толку раширена, сивата економија ќе остане таму каде што е – стабилно „сидро“ од над 700-800 милиони евра годишен фискален потенцијал што државата го губи. Е-фактурата е важен старт, но конечниот резултат ќе зависи од тоа што ќе се направи понатаму од неа.

„Растот на платите и пензиите без продуктивност ја одржува инфлацијата на лепливо високо ниво; без вистински структурни реформи, сивата економија и фискалните ризици ќе останат исти.“
д-р Благица Петрески

Фронтлајн: Дали зголемувањето на трошоците за плати во јавниот сектор над 52 милијарди денари без стратегија за оптимизација е оправдано? Што би значело вистинска реформа на администрацијата?

д-р Благица Петрески: Зголемувањето на трошоците за плати во јавниот сектор, особено кога се прави без јасна стратегија за оптимизација, е тешко да се оправда. Буџетот предвидува дополнителни околу три милијарди денари за плати, но притоа не се повикува на функционална анализа на институциите, ниту на критериуми за тоа каде навистина недостигаат кадри, ниту пак план како новите вработувања ќе придонесат кон повисока продуктивност.

Ова е особено важно ако се има предвид дека продуктивноста во јавната администрација, според податоците на ДЗС, расте многу побавно од онаа во приватниот сектор, а во одредени години дури и се намалува. Притоа, и самиот приватен сектор се соочува со хронична слабост во продуктивноста, па заостанувањето на јавниот сектор зад веќе заостанатиот приватен само ја продлабочува структурната неефикасност на економијата.

Во ваков контекст, зголемувањето на платите без суштинска реформа ризикува да ја цементира состојбата во која јавната администрација останува релативно голема, скапа и недоволно ефикасна. Вистинска реформа значи многу повеќе од номинално зголемување на доходот: бара системска оптимизација која не се сведува само на бројот на вработени, туку и на нивните компетенции, организациска поставеност и јасни одговорности. Бара интегрирани дигитални процеси кои навистина ја намалуваат административната потреба, а не ја репродуцираат на поелегантен начин. Бара јасни и мерливи резултати од институциите, стандарди за услуга, и отчетност за тоа што се постигнува со јавните пари.

Токму во оваа насока, позитивно е што министерот за јавна администрација најави реформа која оди подалеку од декларативност. Неговите заложби за рационализација на јавниот сектор – намалување и спојување на непотребни институции, ограничување на партиските влијанија и поставување професионални стандарди – се важен чекор што вреди да се поздрави. Дополнително, најавениот пакет нови системски закони за високата раководна служба, за системот на плати и за организацијата на органите на државната управа, покажуваат дека постои намера администрацијата да се модернизира и да се постави на порационални, европски основи.

Сега најважно е овие заложби да ги видиме операционализирани. Ако најавите навистина се преточат во конкретни мерки – со јасни рокови, индикатори и институционална одговорност – тогаш растот на платите би можел да биде оправдан како дел од поширока реформа која ја подигнува продуктивноста, ефикасноста и квалитетот на јавните услуги. Но сè додека тоа не се случи, растот на трошоците останува главно фискален товар, без пропорционална економска или општествена добивка. Парадоксот би останал ист – плаќаме повеќе, а добиваме исто или помалку – и затоа токму реформите, а не само платите, се клучот за вистинска трансформација на јавната администрација.

Фронтлајн: Колку е ризично тоа што во буџетот не се вклучени сите доспеани, но неизмирени обврски на институциите (особено во здравството и општините)? Може ли ова да предизвика ликвидносна криза и да го зголеми дефицитот над планираните 3,5% од БДП?

д-р Благица Петрески: Ова е, можеби, една од најранливите и најпотценети точки во целиот буџет. Кога доспеаните, но неизмирени обврски не се прикажуваат транспарентно, на хартија буџетот изгледа урамнотежено, стабилно, дури и коректно. Но тоа е само козметичка рамнотежа. Во позадина постојат сериозни долгови – особено кај здравствените установи, општините и јавните претпријатија – кои не исчезнуваат само затоа што не се запишани во документот. Напротив, тие тивко се акумулираат и неминовно ќе дојде момент кога ќе мора да се платат.

Во едно стрес сценарио кога институциите во еден момент колективно би почнале да ги бараат средствата што им следуваат, многу лесно може да се појави ликвидносен шок. Тоа би го притиснало дефицитот и јавниот долг и би ја разнишало веродостојноста на сè што го нарекуваме „фискална консолидација“.

Токму затоа е критично важно овие доспеани обврски да се водат транспарентно и да постои активен систем за управување со нив. Без тоа, фискалната слика останува само формално урамнотежена, но реално кревка – како куќа што изгледа убаво однадвор, но внатре има напукнати темели. И додека не се адресираат тие темели, секоја дискусија за стабилност мора да се земе со сериозна резерва.

Дестан Јонузи

Tags: Буџет 2026Владад-р Благица Петрески
Next Post

Гаши ги распиша локалните избори за четири општини: Гласање на 11 јануари

НАЈНОВО

МИА

Продолжи судењето за „Жан Митрев“: Обвинителството ги претстави финансиските податоци на Клиниката од 2018 до 2021 година

November 17, 2025

Гаши ги распиша локалните избори за четири општини: Гласање на 11 јануари

November 17, 2025

Интервју со д-р Благица Петрески: Буџетот за 2026 година е изграден врз нереално високи проекции на приходи

November 17, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото: Скриншот, видео Јутјуб

    (ВИДЕО) Софи Трудо за Џастин и Кејти Пери и како се справува со тоа

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Креаторката на контроверзната ВИ-актерка Тили Норвуд најави уште 40 дигитални ликови – Холивуд во паника

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дневен хороскоп со Анаис – 17 ноември

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дали е штетно да се пие вода додека јадеш?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Зошто Британија вози во лева лента, а речиси целиот свет во десна?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk