Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело разбојништво, а по другото се трага. Инцидентот се случил на 15 ноември во Скопје, каде оштетениот бил физички нападнат, ограбен и оставен со повреди, а напаѓачите му одзеле 8.800 денари.
Според обвинителството, делото било извршено спроти еден трговски центар во Скопје, кога осомничениот заедно со друго лице, по кое се уште се трага, го следеле оштетениот. Во еден момент, 43-годишниот осомничен го удрил со тупаница по главата, додека неговиот соучесник му се заканил со боксирач.
Напаѓачите претурале по јакната на оштетениот и му одзеле 8.800 денари, по што го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон. Потоа избегале од местото на настанот.
Од обвинителството велат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека потрагата по вториот сторител продолжува.





