Дијана Хрка, мајката на Стефан кој загина при урушувањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, јавно го поддржа предлогот на автопревозникот Миломир Јаќимовиќ за блокада на Белград и ги повика Новосаѓаните да му се придружат. Хрка изјави дека „време е за обединување и заедничка акција“, пренесува Nova.rs.
На прес-конференција таа соопшти дека е задоволна што Јаќимовиќ и неговиот син го прекинаа штрајкот со глад и најави дека во текот на вечерта ќе се слушне со него за понатамошна координација. „Го поддржувам неговиот план за блокада, но ќе треба уште да се договориме. Треба конечно да се обединиме, да дојдеме под еден шатор и да испланираме што и како понатаму“, изјави Хрка, додавајќи дека Јаќимовиќ треба да пристигне во Белград за четири дена.
Хрка нагласи дека стои зад најавените блокади и дека е подготвена да учествува во секој следен чекор. „Ајде сите да се договориме што би и како би. Тој најави блокади и јас сум за тоа – блокада до 48 часа, па полека“, рече таа. Потврди и дека се чувствува добро и дека останува во протестниот шатор пред Собранието, кој го нарекува своја „втора куќа“.
По трагедијата, Хрка започна штрајк со глад пред Народното собрание на Србија барајќи одговорност за смртта на нејзиниот син и на другите жртви. Штрајкот траеше 17 дена, а Хрка во изјавите повторува дека е подготвена да направи сè за луѓето во Србија конечно да се обединат и да се спротивстават на „злото“, како што го нарекува системот кој, според неа, дозволува неказнивост.










































































































