Потребата на кучињата за време поминато во самотија не зависи само од темпераментот, туку и од биолошки фактори, раните искуства и улогите што одредени раси ги имале со векови, објаснува ветеринарката од Лос Анџелес, д-р Кристал Хит за Newsweek.
Иако дел од кучињата тешко поднесуваат да останат сами, повеќето сепак имаат корист од мирен одмор – под услов да знаат дека сопственикот е во близина. Недостатокот од човечко присуство може да доведе до однесувања поврзани со анксиозност од одвојување, како лаење, завивање, одење во круг или уништување предмети.
Хит препорачува создавање безбедни „мирни зони“ во домот и вели дека симптомите на раздвојувачка анксиозност најчесто се појавуваат кога рутината нагло се менува, како по периодот на пандемија.
Раните искуства и темпераментот силно влијаат врз тоа како кучето ќе ја поднесува самотијата. Кучињата кои уште како малечки имале стресни искуства, или оние со повознемирувачки темперамент, почесто покажуваат немир, цвилење или прекумерно лигавење кога остануваат сами.
Ветеринарката додава дека предвидливата дневна рутина им помага на кучињата полесно да ги поднесат раздвојувањата, а постепеното навикнување на кратки периоди самостојност може да ја зголеми нивната самодоверба.
Раси со поголема независност подобро ја толерираат осаменоста – тоа се кучиња селектирани за самостојни работни задачи и традиционално имаат пониски нивоа на однесувања поврзани со анксиозност.
Наспроти тоа, кучињата селектирани за тесна соработка со луѓето, како бордер колите, австралиските овчари, германските овчари, лабрадорите, златните ретривери, унгарските визли, кавалер кинчарлс шпаниелите, пудлите и „дудл“ расите, потешко поднесуваат да останат сами и бараат повнимателен пристап.
За да им се помогне на анксиозните кучиња, Хит препорачува ментална стимулација преку игри, ротирање играчки и дозволување на кучето само да избeрe место за одмор. Активности што градат самодоверба пред излегување од дома – како прошетка со многу галења или интерактивни загатки – можат да го намалат стресот.
Знаци дека кучето бара повеќе простор се: лижење, криење, нервозно одење или постојано погледнување кон вратата. Од друга страна, постојано следење на сопственикот или реакција и на минимални раздвојувања укажуваат дека на кучето му е потребна поголема поддршка и стабилна рутина.





