Тадија Пантиќ (25), кој вчера беше убиен на булеварот Арсенија Чарнојевиќ на Нов Белград, според првичните информации од српските медиуми, бегал од своите убијци непосредно пред ликвидацијата.
Како што пренесува Telegraf.rs, Пантиќ забележал дека е следен и почнал да трча кон блиска обложувалница, но напаѓач го стигнал и пукал кон него од непосредна близина. Според изворите, осомничениот напаѓач по пукањето избегал и по него сѐ уште трае интензивна полициска потрага во рамки на акцијата „Вихор“.
Полицијата наведува дека Пантиќ бил нападнат од двајца напаѓачи на скутер без регистарски таблички, кои му испукале повеќе истрели во главата и телото. Пукањето го слушнале голем број минувачи, а телото на младиот човек било пронајдено зад една трафика.
На местото на нападот веднаш пристигнале негови пријатели и сестрата на Пантиќ, која во видлива состојба на шок барала да го види братот, јавуваат медиумите.
Пантиќ, кој се води како навивачки лидер на Партизан од Земун, претходно два пати избегнал ликвидација.
Првиот напад се случил во јуни, за време на пресметка на навивачи на мостот Газела, кога напаѓачи на скутери отворија оган кон автомобилите во кои се наоѓале навивачи на Партизан, меѓу кои и Пантиќ.
Вториот инцидент, како што пишува Indeh.hr, бил поврзан со експлозијата во изнајмен стан во центарот на Белград, во која загина македонскиот манекен Мартин С. Според сомнежите, тој бил ангажиран да го ликвидира Пантиќ, но случајно го активирал експлозивот.
Акцијата „Вихор 3“ е активирана на подрачјето на Земун и Нов Белград, каде полицијата трага по извршителите. Случајот сѐ уште се истражува, а мотивите за убиството не се официјално потврдени.





