Една од највредните реликвии на американската поп-култура беше откриена минатата година во таван во Калифорнија, а ова недела го урна светскиот рекорд. Реткиот примерок на „Superman #1“ од 1939 година беше продаден на аукција за 9,12 милиони долари, што го прави најскапиот стрип што некогаш бил продаден. Пронајден во обична картонска кутија меѓу стари весници, стрипот е оценет како „највисоко зачуван примерок“ од својата ера.
Трите браќа од северна Калифорнија, кои заминале да го расчистат таванот по смртта на нивната мајка, нашле колекција што никогаш не ја виделе, иако таа со години тврдела дека чува нешто вредно од младоста. Во најзаборавениот дел од таванот, скриен во кутија со стари весници, стоеле пет рани изданија од „Action Comics“, меѓу кои и првото појавување на Супермен. Но токму „Superman #1“ – првиот стрип посветен само на Кларк Кент и неговото алтер его – се издвоил како најретко и највредно издание.
Стрипот бил купен од нивната мајка и нејзиниот брат меѓу Големата депресија и Втората светска војна. Како што растеле, браќата се сеќаваат дека стриповите биле нивно мало бегство од секојдневието во скромниот дом, но кутијата со изданијата со текот на време била заборавена.
ОД ТАВАН ДО АУКЦИОНА САЛА
Аукциската куќа Heritage Auctions од Далас откри дека примерокот е зачуван речиси неверојатно добро, и покрај неговиот импровизиран „сеф“ од хартија и картон. Тој бил оценет како највисоко рангиран „Superman #1“ досега, што значително ја зголемило неговата вредност.
Дополнителна тежина за цената дал и фактот дека станува збор за примерок од првото печатење на DC од половина милион копии, што дополнително го зголемува значењето на ова стрип-издание.
„Superman #1 е историски момент во поп-културата. Овој примерок е уникатно зачуван и самата приказна околу неговото откривање изгледа како сцена од филм,“ изјави Лон Ален, потпретседател на Heritage Auctions, по рекордната продажба.
ЧУВАР НА СЕМЕЈНАТА ИСТОРИЈА
Најмладиот од браќата, кои денес се во петтата и шестата деценија од животот, изјави дека продажбата е повеќе од финансиски настан. За него, стрипот е „тестамент на сеќавање, семејство и неочекуваните начини на кои минатото повторно нè наоѓа“.
Тој додаде дека стриповите биле нивно прибежиште во детството и нешто што ги поврзувало во време кога немале многу луксузи. Но со текот на годините, кутијата со стрипови била изгубена во секојдневието – сè додека случајно не била откриена минатиот Божиќ.
ПОП-КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ШТО НЕ МОЖЕ ДА ОСТАРИ
Продажбата на „Superman #1“ ја надмина претходната рекордна цена од 6 милиони долари за примерок на „Action Comics No. 1“, продаден минатата година. И друга копија од „Superman #1“ ја држеше титулата во 2022 со цена од 5,3 милиони долари.
Од своето прво појавување до денес, Супермен останува една од најтрајните и најпрепознатливи фигури на американската култура. Со филмови, серии, книги, играчки, видеоигри и цели генерации деца кои го носеле неговиот симбол на градите, човекот од Криптон стана нешто повеќе од стрип јунак – стана мит.
Новата рекордна продажба само ја потврдува таа позиција.
Извор: Си-Ен-Ен
Адаптација: Редакција Фронтлајн





