Осум месеци по затворањето на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, институциите и понатаму молчат за неговата иднина. Ниту има одлука дали ќе се гради нова зграда, ниту јасен план за реконструкција. Она што останува е – празнотија. И таа празнина најсилно ја чувствуваат токму тие што со децении ја полнеа сцената со живот.
„Кога разбрав дека се затвора театарот… нешто се откина од мене“
Пензионираниот актер и култна фигура на прилепската сцена, Андон Јованоски – Ашата, денес со тага зборува за моментот кога дознал дека театарот се затвора.
„Кога разбрав дека се затвора театарот… нешто се откина од мене. Многу тешко ми беше. Се сеќавам на дупките, на таванот што течеше — таков објект беше, ама работевме, правевме успешни претстави.“
Со горчина додава дека токму во „најтеатарскиот град“ државата донела одлука да го затвори театарот, иако низ цела Македонија има објекти што не функционираат во најдобри услови, но не се ставени под клуч. „Каде да одат младите?“, прашува тој.
„После секоја проба – суровата реалност дека немаш куќа“
Младата актерка Катерина Чамакоска ја опишува атмосферата во првите недели по затворањето како емотивно разорувачка.
„Буквално плачевме кога дознавме. Имавме емотивни проби, продолжувавме да работиме… и потоа завршува пробата, а ти се соочуваш со суровата реалност дека немаш куќа, дека е неизвесно каде ќе ја дадеш премиерата.“
За неа, затворањето личи на враќање дома во куќа што е заклучена. Апелира и до градот и до Министерството: „Да мрднат работите од мртва точка. Ние да си се вратиме дома.“
„После десет години чекање – театарот затворен“
За нововработениот актер Илија Волчески – Волче, иронијата е најболна: конечно добива вработување по десет години чекање, но во момент кога институцијата е затворена.
„Официјално започнав со плата од август, после десет години… а театарот — затворен. Моето вработување ми беше светла точка, ама ситуацијата е парадокс.“
Тој потсетува дека проблеми имало во сите театри, но упорноста ја спасувала сцената. „Таква упорност ни пренесоа старите генерации — да се бориме со тоа што го имаме.“
Културна тишина што станува навика
Последните седум години „тапкање во место“ со проектот за нова зграда доведоа до фаза во која Прилеп бара нешто што не би смеело да бара: право на основна културна инфраструктура. Објектот е затворен, актерите играат по алтернативни простории, а публиката останува без свој дом.
„Мора театар да се врати. Не може најтеатарскиот град да живее без театар“, вели Ашата — реченица што денес тежи повеќе од кој било извештај или стратегија.
Прилеп чека одговор
Ова не е административно прашање. Ова е прашање на културно достоинство.
Затоа прилепската јавност прашува – и прашањето станува сè погласно:
Дали Прилеп ќе добие нов театар, реконструкција на постојниот или уште една година тишина?
Извор: Рацин.мк





