Руската Федерација во текот на изминатата недела употребила 66 ракети, речиси 1.400 ударни дронови и околу 1.100 наведувани воздушни бомби во нападите врз Украина, соопшти претседателот Володимир Зеленски.
Како што пренесува Укринформ, Зеленски ова го објави на Фејсбук додека службите ги санираа последиците од најновиот руски напад со дронови врз градот Вишгород, во Кијивската област.
Во нападот биле оштетени повеќе станбени објекти, а според првичните информации повредени се 19 лица, меѓу кои и деца, додека едно лице го загубило животот. Украинскиот претседател изрази сочувство до семејството и блиските на загинатиот.
Тој информираше дека има ранети и во Днипропетровската и Харкивската област, додека напади биле регистрирани и во Одеската, Сумската и Херсонската област. Според достапните податоци, во текот на ноќта биле лансирани 122 ударни дронови и две балистички ракети.
Зеленски нагласи дека ваквите напади се случуваат секојдневно, потенцирајќи ја размерноста и континуитетот на руската воздушна офанзива.
„Само оваа недела, Русија употреби речиси 1.400 ударни дронови, 1.100 наведувани воздушни бомби и 66 ракети. Затоа мораме секојдневно да ја зајакнуваме отпорноста на Украина“, истакна тој.
Претседателот повторно ја нагласи потребата од зајакнување на воздушната одбрана, обезбедување дополнителни ракети и продолжување на интензивната соработка со меѓународните партнери.
„Потребни ни се вистински и сигурни решенија што ќе помогнат во завршување на војната. Благодарност до сите што и помагаат на Украина“, порача Зеленски.
Претходно, според Укринформ, украинските одбранбени сили неутрализирале 104 од вкупно 122 дронови лансирани од Руската Федерација во нападот вечерта на 29 ноември. Сепак, балистички ракети и дел од беспилотните летала погодиле 13 локации низ земјата, при што е причинета материјална штета и има жртви.
Редакција Фронтлајн





































































































