Бигорскиот манастир јавно алармира за појава на лажни интернет-страници и спонзорирани објави на социјалните мрежи, кои грубо го злоупотребуваат името и угледот на манастирот и монашкото братство.
Во спорните содржини, измамници тврдат дека монасите наводно „произведуваат“ или „измислиле“ препарати како „BoneControl“ и слични „лекови“ за зглобови и коски.
Од манастирот на својот Фејсбук профил категорично истакнуваат:
Бигорскиот манастир нема никаква поврзаност со овие производи и не произведува, рекламира или продава медицински препарати.
Сите наводни изјави, интервјуа или препораки од монаси се целосно лажни.
Станува збор за класична интернет-измама која настојува да профитира преку манипулација со довербата на верниците.
Од манастирот предупредуваат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да не купуваат вакви производи, ниту да оставаат лични податоци на сомнителни веб-страници. Препаратите се со непознато потекло и состав, што може да биде опасно по здравјето.
Автентични производи од манастирот се достапни исклучиво во манастирската продавница и на официјалните канали. За случајот се известуваат и надлежните органи за компјутерски криминал.
Д. М. / Цивил Медиа





