Централната изборна комисија на Косово не ја сертифицираше Српска листа – најголемата партија на косовските Срби – за предвремените парламентарни избори на 28 декември.Препораката за сертифицирање на Српската листа, која ја ужива поддршката на Белград, доби само 2 гласа „за“, 2 „против“ и 7 „воздржани“ за време на состанокот на ЦИК во вторник попладне.
Српската листа може да поднесе жалба на одлуката до Комисијата за изборни приговори и жалби (ЕКАП).
Членовите на движењето „Ветевендосје“ во ЦИК, Сами Куртеши и Албан Красниќи, беа гласни против сертифицирањето на оваа партија и беа единствените што гласаа против неа. Куртеши за време на состанокот рече дека „секогаш сум велел дека оваа партија работи против интересите на Косово“.
Членовите на другите албански политички партии во ЦИК се воздржаа од гласање. Ова е трет пат ЦИК првично да не ја сертифицира оваа партија, откако го стори тоа за редовните парламентарни избори на 9 февруари и локалните избори на 12 октомври.
Во двата претходни случаи, ЕКАП ја поништи одлуката на ЦИК.
Мисијата на ОБСЕ во Косово остро реагираше на неодамнешната одлука да не се сертифицира Српската листа за изборите на 28 декември. Преку јавна изјава, мисијата ја опиша оваа акција како отстапување од меѓународните изборни стандарди и кршење на правото на политичко учество.
Британскиот амбасадор во Косово, Џонатан Харгривс, предупреди дека ваквите акции „се закануваат да го уништат тешко стекнатиот углед на Косово како мултиетничка демократија“ и да ги загрозат односите со меѓународните партнери. Тој рече дека очекува EКAP да ја преиспита оваа одлука.
Европската Унија, исто така, изрази жалење, нагласувајќи дека одлуката покажува политизација на изборниот процес од страна на движењето Самоопределување и другите партии, кршејќи ги принципите на фер и инклузивен процес.
Д. Т. / Цивил Медиа





