Во искрена, директна и нетипично остра изјава по ремито на Ливерпул против Лидс, Мо Салах призна дека неговиот однос со тренерот Арне Слот е целосно нарушен и дека последните месеци се чувствува запоставено, омаловажено и оставено „под автобус“ од клубот за кој, како што вели, направил повеќе од кој било играч на својата генерација.
Салах рече дека не може да се помири со фактот дека веќе три натпревари по ред седи на клупата, нешто што никогаш не му се случило во дресот на Ливерпул.
„Не можам да верувам дека 90 минути седев на клупа. Ова е прв пат во мојата кариера во Ливерпул да седам три меча по ред на клупата. Искрено, премногу сум разочаран. Направив толку многу за клубот, особено минатата сезона.“
Тој додава дека веќе нема никаква комуникација со тренерот:
„Сега седам на клупата, а не знам зошто. Мислам дека е јасно дека некој не ме сака во клубот. Летоска добив многу ветувања, а сега сум повторно на клупа. Многупати досега имам кажано дека имав добар однос со тренерот, а сега одеднаш немаме никаков однос. Не знам зошто.“
Салах нагласи дека продолжува да го сака клубот како и секогаш, „клубот за кој и моите деца ќе навиваат“, но дека чувството на неправда е преголемо.
Суперѕвездата откри дека разговарал со својата мајка пред мечот против Лидс:
„Вчера и се јавив на мајка ми и и кажав: ‘Вие не знаете дали ќе стартувам или не, ама јас знам’. Им кажав на моите да дојдат на мечот против Брајтон. Не знам дали ќе играм, ама сакам да уживам – бидејќи не знам што ќе се случи после тоа. Ќе бидам на Енфилд да се поздравам со навивачите пред да одам на АФКОН. Не знам што ќе се случи додека сум таму.“
Салах децидно порача дека чувствува како клубот го претставува како проблем, нешто со кое тој не се согласува:
„Во моментов гледам дека клубот го фрла Мо под автобус и од него прави проблем. Но јас не мислам дека сум проблем. Направив премногу за овој клуб. Сакам да ја добијам почитта што ја заслужувам. Не сакам секој ден да се борам за мојата позиција – ја имам заслужено. Не сум поголем од никого, но ја заслужив мојата позиција.“
На прашањето за евентуален трансфер во Саудиска Арабија, Салах одби да коментира:
„Не сакам да одговорам на тоа. Клубот ќе ме однесе во сосема поинаква насока.“
Салах изрази горчина и умор од постојаните критики:
„После сè што сум направил за клубот, навистина боли. Можете да замислите – одиш од дома до клубот и не знаеш дали воопшто ќе играш. Утре ќе ме напаѓа Џејми Карагер на телевизија, и тоа е во ред.“
Редакција Фронтлајн





