По разговорите со тренерот Арне Слот, Мохамед Салах е вклучен во составот на Ливерпул за гостувањето кај Брајтон, но натпреварот го започнува од клупата. Ова е воедно и последниот меч на египетскиот напаѓач пред заминувањето на Африканскиот куп на нации.
По неговото изоставување на средбата во текот на неделата, постоеше неизвесност дали Салах воопшто ќе биде во конкуренција, но разговорите со Слот резултираа со негово место меѓу резервите. Поради повреди и суспензии, Ливерпул влегува со ограничени опции, а Слот направи две промени во стартниот состав за денешниот дуел што се игра од 16 часот.
Алисон започнува на голот петти натпревар по ред, зад изменета одбрана. Милош Керкез го заменува Енди Робертсон, Џо Гомез го задржува местото поради суспензијата на Конор Бредли, а во последната линија се и Вирџил ван Дајк и Ибрахима Конате.
Во средниот ред повторно стартуваат Рајан Гравенберх, Кертис Џонс и Алексис Мак Алистер, додека Флоријан Вирц се враќа во почетниот состав по настапот од клупата во претходниот меч. Доминик Собослаи и Хуго Екитике исто така ја задржуваат стартната позиција.
Федерико Киеза се опорави од болеста што ја имаше во средината на неделата, а Александар Исак е доволно подготвен за клупата, додека Салах е опција доколку Слот се обиде да се сврти кон него во подоцнежните фази.
Ј. Ѓ.







