Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Третата економска сила во Европа, веднаш зад Данска, нема ебан денар во трезорот. Мораше да го затвори оставајќи низа корисници на државни трансакции, без пари. Без шанса да ги остварат своите права. Некои и без заби. Понеже, турканицата околу последните пачки се претвори во мала граѓанска војна меѓу сељаците. А и меѓу другите малограѓани. Главно, луѓе, кои за чувари на азното, избраа типовите за кои уште од 1893 година се знае дека не се народот да ги пушти близу до своите пари, имоти и жени!
Нема ни за новогодишни кошнички.
Капут.
Обаче, трети во Европа, веднаш зад Данска, малку ли е!?
Тоа што државата не е во состојба да ги исполни своите обврски кон граѓаните, како што тие ги исполнуваат кон неа, е драматичен факт на кој можеме да завртиме една пиперевка ако си ја пуштиме веста за посетата на Славко на Лондон од каде ни јави дека трезорот со македонското злато е полн.
Плус дојде вест дека Британија ќе помогне да се реши недостигот на работна сила во Македонија, односно дека веќе има спремено неколку железнички композиции, бродови за расеан товар и херкулеси, со кои ќе ни испорача колку што сакаме и преку тоа, келнери, мешачи на малтер, доставувачи на храна, гробари, возачи на новите автобуси на Орце, ѓубраџии, додека докторите и ајти стручњаците ќе ги задржи за себе.
Сте чуле ли за Ренанивата изрека: „Живееме од мирисот на празната вазна”.
Ја погодил човекот алката на нашата обездуховеност во центарот.
Ако Македонија успее да им ги утрапи вмороните на Виндзорите или макар идејата за внатрешна револуционерна инсталација во замена за сите мигранти во Британија, Македонија ќе ја направи најголемата зделка во својата историја.
Во таква комбинација мигрантите за Македонија би биле тоа што за болниот од рак е лекот што сигурно ја уништува болеста.
Почувствителни сме на очекувањето на некој настан отколку на самиот настан.
Ние не треба да бегаме од нови барања на Европа или на Бугарија или на кој и да е друг и да се тресеме пред таква евентуалност.
Како!?
Па, само уште барањата се знак дека нешто имаме, односно дека постоиме.
Хахаха!
Сè друго ни земаа, не Бугарите и Брисел или Албанците, туку македонските извршители на историјата.
Тоа ви е вмро, драги мои, ќе ми простите, не можам да се воздржам: да ви се помочам на светите букви.
Во апатија стварноста се брише и исчезнува. Стварноста е прашање на степенот на осетливоста, таа слабее и се придушува сразмерно на зголемувањето на нашата рамнодушност.
Тоа е идејата што се спроведува преку вмро.
Вмро не произведува восхит, љубопитство страст и енергија, како што на многу луѓе им се чини на прв поглед, туку рамнодушност.
Рамнодушноста е инструмент со кој партијата ги растура државата и општеството.
Насилството не се спроведува за да предизвика експлозија, туку рамнодушност.
Така се развива македонската лудост која има особено својство кое и овозможува да ја надомести нормалноста.
Како резултат на сето тоа, Македонецот се повеќе се смалува.
Уште малку, па од него нема да остане ништо.
Ќе исчезне.
Ќе зајдит.
Хахаха!
Не знам дали да плачам или да најдам начин да го поттурнам тој процес.
Да го забрзам.
Макар што се плашам Мицко да не ми стегне некоја пријава за предизвикување на паника.
Сиоран вели дека секој народ е осуден на пропаст кога повеќе не е во состојба да создава богови, а Тричковски вика дека пропаѓањето е уште посигурно кај народот кој на тркалцето на националната грнчарија, прави богови од говна!
Ние сме поблиску до дефиницијата на Тричко отколку на Емил.
Човештвото ги сака спасителите, нормално, но се покажува дека тоа се луди суштества кои себе си си задаваат мисија, кои фанатично веруваат во себе, затоа што умислуваат дека веруваат во нив.
Сè што не оди како што треба, оди со подразбирачки тек.
Дури и спасителите тоа го разбираат.
Работата на Мицко не е да ја спаси Македонија, туку да го одржува “подразбирачкиот тек”, односно да и овозможи меко наденување на неделканиот колец на времето и историјата.
Никаков лавеж на бедните џукели не можат да го спасат Македонецот кој го послуша вмро и скокна од авионот за Брисел пред чудото да го напушти безвоздушниот простор на Македонија Норд.
Уште е жив бидејќи идејата никогаш не била да умре моментално туку да помине низ страшни маки пред да се спаси од македонството.
Таков е македонскиот пат во Рајот.
Наместо попско просерување за покојниот треба да се прочита некој убав текст, да се пуштат неколку парчиња за оргуљи и да се пуштат насобраните десетина минути да мислат и медитираат за “настанот”.
Јас и мигрантите ќе ја организираме таа процесија: Бах, Гомбрович, Сиоран и кратко, но убаво обраќање на мојата маленкост.







