– Откако со денови објаснуваме дека постои договор „мигранти за пари“, конечно ВМРО-ДПМНЕ – ЗНАМ го признаа тоа. Не само што признаа, туку тоа го поставија и во форма на Резолуција која сакаат да ја верификуваат во Собранието, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму велат дека „бо оваа контра Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ нема јасна одредба против носење мигранти од Британија за пари. Има игра на зборови, обид за поинакво дефинирање на мигрантите“.
Во текстот на резолуцијата, прецизираат од СДСМ, се вели следното:
„Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“.
Од СДСМ велат дека овде станува збор за игра на зборови, односно поинакво дефинирање на мигрантите.
„НЕ ПОСТОЈАТ ЛЕГАЛНИ И НЕЛЕГАЛНИ МИГРАНТИ. ПОСТОЈАТ САМО МИГРАНТИ.
Мигрантите се луѓе кои ги напуштиле своите домови и избегале во други земји поради војната што ги погодила во нивната земја. Не постои начин да бидеш „легален“ или „нелегален“ мигрант кога бегаш од војна и ја напушташ својата татковина.
Истото ѝ се случи и на поранешна Југославија на почетокот на граѓанската војна. Тие луѓе кои бегаа, а ние ги нарекувавме „избегани и раселени лица“, често нарекувани „бегалци“. Да се биде „бегалец“ или „мигрант“ е идентична работа, само наречена со друго име.
Зошто го прават ова?
Веќе неколку дена објаснуваме дека ДПМНЕ се обидува да го избегне прашањето за мигрантите.
Пред неколку дена Мицкоски, по изјавата „ако некој види нелегален мигрант до пролет“, токму преку дефинирањето на „нелегални“ мигранти објасни дека се обидуваат со дефиниции да го избегнат она што стои зад сето ова!
А тоа е „мигранти за пари“. Мигранти во јуни во Македонија.
Истото го потврди и Антониот Милошоски од ДПМНЕ гостувајќи во емисијата, каде даде уште една дефиниција – „економски работници“!
Со ова е потврдено сè што СДСМ го зборува и за што предупредува.Ова е нивното предавство на Македонија, мигранти за пари.
Денеска нивното признание го имаме и на хартија. Потпишано!
Ете, граѓани на Македонија, зошто не сакаа да ја потпишат Резолуцијата што ние ја предложивме.
Сега го имате и напишано, а наскоро, бидејќи ќе ја достават во Собранието на потпис – и потпишано „со вашиот потпис“, преку пратениците на ДПМНЕ!
Вистината секогаш победува!
Дали ќе седиме мирно и ќе ги чекаме мигрантите или ќе се спротивставиме?
Борбата започна! И нема да престане!
Сите ќе одговарате!“, се нагласува во соопштението од СДСМ.
Претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција истакна:
„Имајќи ја во предвид чувствителноста на прашањата поврзани со безбедноста, миграцијата и јавната стабилност, како и појавата на лажните информации, манипулации и дезинформации кои опозицијата ги изнесува во медиумскиот простор, ја свикавме оваа прес-конференција за да ја претставиме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција”.
Тој рече дека „Резолуцијата е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.








