Во момент кога паниката и истрелите ја претворија прославата на Ханука на плажата Бонди во сцена на хорор, еден човек одлучи да не бега. Ахмед Ал Ахмед, 43-годишен татко на две деца и муслиман по вера, се фрли кон вооружениот напаѓач и со голи раце го совлада, спречувајќи уште поголем масакр.
Според австралиските медиуми, меѓу кои и 7NEWS, нападот бил јасно насочен кон еврејската заедница која ја одбележувала Ханука. Во хаосот што следел по првите истрели, Ал Ахмед реагирал инстинктивно – тргнал кон терористот, го соборил на земја и му го одзел оружјето. Во таа борба, бил застрелан, но не се повлекол сè додека напаѓачот не бил неутрализиран, пренесува и Times of Israel.
Очевидци сведочат дека неговата интервенција била клучна за спасување животи. Снимките кои кружат на социјалните мрежи го прикажуваат моментот кога напаѓачот е совладан, а полицијата подоцна потврди дека токму брзата реакција на цивилот спречила продолжување на нападот.
Ал Ахмед е пренесен во болница со повреди од огнено оружје, но се наоѓа надвор од животна опасност. Неговото семејство изјави дека тој не се смета за херој, туку дека „направил она што секој човек треба да го направи кога гледа зло“.
Реакциите во Австралија и пошироко не изостанаа. Политичари, верски лидери и граѓански организации го нарекоа „вистински херој“, нагласувајќи ја симболиката на неговиот чин – муслиман кој го ризикува сопствениот живот за да ги заштити Евреите од терористички напад.
Најмалку 12 луѓе, вклучувајќи и еден од напаѓачите, загинаа, а 29 се повредени во вооруженiot напад на познатата плажа Бонди во Сиднеј, соопшти полицијата.
Две вооружени лица денеска отворија оган за време на преполн јавен собир по повод првиот ден Ханука.
Полицијата соопшти дека еден осомничен бил смртно застрелан од полицајци, додека вториот е уапсен и сè уште е во критична состојба. Меѓу повредените има и двајца полицајци.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека масовното пукање било „дизајнирано да ја таргетира еврејската заедница на Сиднеј на првиот ден од Ханука“.
Редакција Фронтлајн







