Детски психијатар на возраст од 46 години, вработен во Клиничко-болничкиот центар (КБЦ) Осиек, Хрватска, е уапсен и против него е поднесена кривична пријава поради сомнежи за сторени повеќе тешки кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на малолетни пациенти и овозможување консумирање дрога, соопшти хрватската полиција, пренесува Index.hr.
По завршувањето на криминалистичката истрага, осомничениот е приведен и предаден на притворски надзорник.
Според полициските наводи, во периодот од 2016 до 2019 година, психијатарот ја злоупотребил својата професионална позиција во КБЦ Осиек и вршел недолично однесување кон четири пациенти, кои во тој период биле малолетни.
Се наведува дека тој им се обраќал со непримерени зборови, ги допирал на недозволен начин и им давал дрога на консумирање.
Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2018 до 2023 година, осомничениот давал дрога и на две возрасни лица, негови познаници – жена и маж, двајцата на возраст од 35 години.
Врз основа на налог од Жупанискиот суд во Осиек, полицијата извршила претрес на домот, ординацијата и возилото што ги користел осомничениот. При претресот биле пронајдени и одземени две компјутерски единици, мобилен телефон, како и значителна количина дрога.
Запленети се 33 пакувања марихуана со вкупна тежина од 213,9 грама, 12 таблети МДМА, хашиш, дополнителни пакувања МДМА во грутки, амфетамин, како и шприц со 0,5 милилитри непозната течност.
По завршување на постапката, здравствениот работник е кривично пријавен за „повреда на правата на детето“, „блудни дејствија“, „овозможување консумирање дрога“ и „неовластено производство и промет со дрога“.







