Владата ги отфрли како целосно неосновани и неточни обвинувањата што денеска ги изнесе СДСМ на прес-конференција, оценувајќи дека станува збор за груба клевета и свесна политичка конструкција без фактичка основа.
„Должни сме јасно и недвосмислено да укажеме дека изнесените наводи се целосно неосновани, неточни и претставуваат груба клевета и свесна конструкција“, се наведува во соопштението од Генералниот секретаријат на Владата.
Оттаму посочуваат дека опозицијата повторно се обидува да конструира наративи кои не се поткрепени со факти и документи, додавајќи дека сите релевантни податоци се јавно достапни и проверливи преку официјалните електронски системи на надлежните институции.
„Овие слаби и безидејни конструкции лесно се распаѓаат при најосновна проверка“, нагласуваат од Владата.
Во однос на јавната набавка што беше предмет на обвинувања, од Владата појаснуваат дека станува збор за централизирана јавна набавка за 20 министерства, донесена со одлука на Владата, со цел зајакнување на сајбер-безбедноста на институциите.
„Набавката на овие системи има за цел навремена идентификација на безбедносни слабости и проактивна заштита од закани. Во текот на постапката имаше две понуди, а наведениот субјект имаше најповолна понуда. Постапката беше спроведена без никаква забелешка, ниту пак беше покрената жалба“, се наведува во соопштението.
Во врска со втората спомената јавна набавка, од Владата истакнуваат дека станува збор за реално потребен софтвер за проект што бил јавно ветен пред граѓаните, со цел зголемување на транспарентноста и дигитализацијата на институционалните процеси.
„Проектот предвидува модул за следење на договорите, модул за човечки ресурси, модул за увид во барањата од институциите до СОЗР, како и прегледност на режиските трошоци и потрошувачката по институции“, наведуваат од Владата.
Оттаму категорично ги отфрлаат и наводите поврзани со поединци и наводни привилегии.
„Наводите поврзани со поединци и наводни привилегии се апсолутно неточни и во директна спротивност со фактите и достапната документација“, се истакнува во соопштението, со уверување дека во сите постапки не постои ниту најмал пропуст или неправилност.
Владата оценува дека станува збор за тенденциозен обид за политичка манипулација и апелира јавноста да се информира од официјални извори.
„Институциите работат транспарентно, законски и отчетно, а секој што тврди спротивно ќе мора своите зборови да ги поткрепи со факти, а не со празни политички конструкции“, се наведува во соопштението.
На крајот, од Владата порачуваат дека јавноста заслужува одговорност, факти и транспарентност.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција соопшти дека преку дигиталната платформа за борба против корупција и криминал „МИЦКО“ за само еден ден пристигнале 47 различни пријави од граѓани од повеќе градови во државата, меѓу кои Охрид, Штип и Скопје, најавувајќи нови објави за, како што рече, сериозни сомнежи за коруптивни тендери на актуелната власт.
Кузеска информираше дека денеска АКТ објавува, како што рече, „нова бомба, нов скандал и нови сомнителни милионски тендери“, посочувајќи дека повторно се работи за иста, веќе видена шема.
„Фирма со само тројца вработени, за период од два месеци, добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски во вредност од 74 милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра. Милионски суми, мал број вработени и фаворизирани фирми за тендери од власта на ДПМНЕ“, рече Кузеска.
Според неа, овие факти отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми, слични на оние во претходно објавените случаи. Таа појасни дека станува збор за фирмата „Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред само две години.
„Тендерите се добиени од Генералниот секретаријат на Владата и од СОЗР – истите две институции кои беа вмешани и во претходните бомби што ги објавивме. И повторно станува збор за IT опрема. Случајно, нели?“, праша Кузеска.
Како конкретни примери, таа наведе дека на 13 октомври 2025 година фирмата склучила договор со Министерството за финансии во вредност од околу 60 илјади евра, а само два дена подоцна, на 15 октомври, и договор со Генералниот секретаријат на Владата вреден речиси 980 илјади евра. Шест недели подоцна, на 1 декември 2025 година, следувал уште еден државен тендер, овојпат за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, во вредност од околу 76 илјади евра.
„Каква милионска експанзија за само два месеци. Раст од 173 проценти од тендери. Истите шеми повторно“, истакна портпаролката.
Кузеска го постави и прашањето дали ваквите тендери се поврзани со лични и професионални врски, посочувајќи дека сопственикот на фирмата, како што рече, дипломирал на Машинскиот факултет, на насоката мехатроника и роботика, каде што професор е премиерот Христијан Мицкоски.
„Дали ова е клучот за вртење милионски тендери од власта на ДПМНЕ – близината со Мицкоски?“, праша Кузеска, додавајќи дека објавите на АКТ ќе продолжат.
„Работата не е завршена“, порача таа.





