Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска, ќе ја има својата светска телевизиска премиера на 8 јануари 2026 година на каналот National Geographic.
Филмот ќе се прикажува во терминот 21 часот по источноамериканско време (9/8c), соопшти National Geographic на Инстаграм.
View this post on Instagram
Веќе следниот ден, документарецот ќе биде достапен и на стриминг-платформите Disney+ и Hulu, што значи дека ќе може да го гледа и пошироката меѓународна публика.
„Приказната за Силјан“ ја раскажува трогателната вистинска приказна за Никола, кој пронаоѓа повреден штрк и започнува да се грижи за него, создавајќи длабока врска исполнета со човечност, грижа и заедништво. Филмот ја продолжува препознатливата поетска и хумана линија на Котевска, по светскиот успех на „Медена земја“.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија. Откупот од National Geographic Documentary Films дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.
Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар (Jean Dakar), доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет, номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures.
„Приказната за Силјан” на Тамара Котевска не влезе во најдобрите 15 документарни филмови според гласачите на Академијата, иако според сите предикции важеше за кандидат за Оскар.
Ј. Ѓ







