Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовираше Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, оценувајќи дека документот е „одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество“ и јасен план за изградба на модерна и дигитална држава.
„Денес не промовираме само еден стратешки документ. Денес ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава – држава што работи за граѓаните, што е транспарентна, ефикасна и правична“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека дигиталната трансформација не значи само воведување нови технологии, туку суштинска промена во начинот на функционирање на институциите и нивниот однос кон граѓаните и бизнисите.
„Тоа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, рече премиерот.
Според него, Владата ја поставила дигитализацијата како еден од клучните стратешки приоритети, бидејќи таа е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата.
„Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални стандарди, вклучително и во делот на електронските комуникации, дигитализацијата на регистрите, користењето облак-услуги и електронската идентификација.
„Нема силна економија без дигитални вештини, нема современо општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен ИКТ-сектор“, порача премиерот.
На крајот од обраќањето, Мицкоски нагласи дека стратегијата не е документ за една институција или една влада, туку заедничка обврска на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, со цел изградба на „паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“.







