Двегодишно дете од Скопје почина откако беше донесено во исклучително тешка состојба со стран предмет во главата во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти МВР, на 01.01.2026 во 00:58 часот, во СВР Скопје од Клиничкиот комплекс било пријавено дека кај нив е донесено двегодишно дете со сериозни повреди на главата. Полициски службеници веднаш излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката на детето, Г.Д. (21).
Според нејзината изјава, на 31.12.2025 година, пред полноќ, таа излегла пред дворот од семејната куќа на подрачјето на Гази Баба заедно со детето, кога додека гледале огномет, слушнала звук, по што забележала дека детето крвари од главата.
Дополнително, во полициска станица бил извршен службен разговор и со таткото на детето, М.А. (26).
И покрај укажаната медицинска помош, детето починало во 01:58 часот на 02.01.2026 година, а лекар констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција, а надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.







