Сопругата на Брус Вилис, Ема Хеминг Вилис, на исклучително трогателен начин одбележа 18 години од почетокот на нивната љубовна врска, споделувајќи емотивна порака посветена на сопругот кој се соочува со тешка болест. Нивната врска започна кон крајот на 2007 година, а се венчаа во март 2009.
За да го одбележи речиси дведеценискиот заеднички пат, 47-годишната Ема на последниот ден од минатата година објави заедничка фотографија на Инстаграм, придружена со искрени и нежни зборови.
„Пред 18 години, тој стана мојот дечко. Со еден бакнеж на врвот од мојата глава, времето застана“, напиша таа, додавајќи: „Толку сум благодарна што ја познавам оваа љубов.“
Објавата за кратко време собра десетици илјади реакции и бројни пораки на поддршка од обожаватели ширум светот. Ема и Брус имаат две ќерки, Мејбел Реј и Евелин, додека актерот од бракот со поранешната сопруга Деми Мур има уште три ќерки – Румер, Скаут и Талула, пишува Indez.hr.
View this post on Instagram
„Празниците сега изгледаат поинаку“
Оваа јавна посвета доаѓа набргу по емотивниот есеј што Ема неодамна го објави, во кој отворено зборува за животот со сопруг кој боледува од деменција. Во текстот со наслов „Празниците сега изгледаат поинаку“, таа искрено опишува како се променил семејниот ритам по дијагнозата, особено во периодите кои некогаш биле исполнети со леснотија и радост.
„Кога се грижите за личност со деменција, тие размислувања стануваат особено тешки. Традициите што некогаш доаѓаа спонтано, сега бараат многу планирање. Моментите што носеа едноставна радост често се испреплетени со тага. Знам, затоа што го живеам тоа. И сепак, и покрај сè, сè уште има смисла. Сè уште има топлина. Сè уште има радост“, напиша таа.
Ема признава и дека понекогаш, во мигови на замор, „во себе го изговара неговото име со мала пцовка“ кога ќе ја преплават обврските кои некогаш биле негова улога – не од лутина, туку од носталгија и недостиг по начинот на кој тој порано ги водел семејните подготовки.
View this post on Instagram
„Не пропаѓате – се прилагодувате“
Есејот го завршува со порака која одекна кај многумина што живеат со слична реалност: „Не пропаѓате ако работите изгледаат поинаку. Вие се прилагодувате.“ Таа додава и уште една важна мисла: „Никому не му должите објаснување за тоа како избирате да славите – или да не славите.“
Да потсетиме, на 70-годишниот актер во 2022 година му беше дијагностицирана фронтотемпорална деменција, по претходната борба со афазија – состојба што влијае врз говорот и комуникацијата. Поради болеста, Брус Вилис се повлече од актерската кариера и од јавниот живот, а неговото семејство јавно и посветено му дава поддршка.
Фронтотемпоралната деменција е редок облик на невродегенеративна болест, кој најчесто ги погодува луѓето меѓу 45 и 65 години, а се манифестира со тешкотии во говорот, концентрацијата, меморијата и со промени во личноста.







