Манекенката и ријалити ѕвезда Кендал Џенер одлучи јавно да стави крај на долгогодишните шпекулации за нејзината сексуалност. Во неодамнешно гостување во подкаст, таа отворено проговори за гласините што со години кружат на интернет – дека тајно е лезбејка.
„Ме погодува колку луѓето знаат да бидат злобни“
„Постои цела страна на интернетот што мисли дека сум лезбејка“, изјави Џенер, додавајќи дека најмногу ја погодува начинот на кој тие гласини се пласираат.
„Знаете што навистина ме мачи? Колку луѓето знаат да бидат злобни. Тоа не е со раширени раце, не е од типот ‘ако си, добредојде’. Тоа не е љубезно. Тоа е навистина злобно“, рече таа.
Иако јасно посочи дека не се идентификува како хомосексуална, Џенер нагласи дека нема проблем со темата и дека има разбирање за луѓето кои поминуваат низ процесот на јавно откривање.
„Разбирам дека излегувањето од ормар не е лесно за никого. И не велам дека е лесно. Но, знаејќи се себеси, мислам дека ако тоа беше мојата вистина, во оваа фаза од животот ќе бев отворена за тоа. Немаше да имам проблем“, објасни таа.
„Не затворам врати за животните искуства“
Манекенката истакна дека ѝ пречи наративот дека нешто крие од јавноста.
„Постојано постои приказна дека нешто сокривам. Сум читала навистина грди работи, како на пример дека ‘тоа е лошо за бизнисот’. И јас си велам – како? Не го разбирам тоа“, рече таа.
На крајот заклучи: „Сè на сè – не сум. И не мислам дека ќе бидам, но не затворам врати за животните искуства.“
Љубовен живот далеку од очите на јавноста
Со години медиумите ја поврзуваа Кендал Џенер со низа познати мажи – од тинејџерска романса со Хари Стајлс, преку двегодишна врска со НБА ѕвездата Девин Букер, до последната позната врска со раперот Бед Бани, која заврши кон крајот на 2023 година.
И покрај огромната слава, Џенер отсекогаш настојувала приватниот живот да го држи подалеку од јавноста. Извршната продуцентка на семејното реално шоу откри уште во 2021 година дека Кендал имала јасно правило.
„Кендал секогаш имаше правило – сметаше дека мора да биде со некого барем една година пред да му дозволи да биде дел од шоуто, затоа што не секогаш ги знае намерите на луѓето“, објасни таа. „Затоа нејзиниот личен живот најчесто остануваше надвор од камерите.“











































































































