Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови информации за, како што велат, сомнителни тендери доделувани на фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференција, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, соопшти дека станува збор за 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
„АКТ денеска објавува нова бомба, нов скандал за сомнителни тендери. Преку дигиталната платформа МИЦКО.мк, до Антикорупцискиот тим на СДСМ граѓани доставија нови информации за фирмата за која веќе еднаш говоревме и кои денеска ќе ги објавиме“, изјави Фрчкоски.
Тој посочи дека станува збор за компанијата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според СДСМ, во периодот од локалните избори во 2022 година до денеска добила вкупно 51 тендер во општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од 2022 година до денеска, оваа фирма во општините под контрола на ВМРО има добиено 51 тендер, вредни неверојатни 16 милиони евра“, рече Фрчкоски.
Според него, најголем дел од тендерите се доделени од општина Аеродром.
„Само од општина Аеродром, оваа омилена фирма има добиено 22 тендери. Од Гази Баба – 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија – практично секаде каде што градоначалниците се од ВМРО“, наведе Фрчкоски.
Тој додаде дека дел од овие тендери биле финансирани со средства од унгарскиот кредит.
„Низа тендери финансирани со пари од унгарскиот кредит завршиле кај оваа фирма. Додека парите завршуваат кај фирми блиски до власта, граѓаните плаќаат – и тоа со камата“, изјави Фрчкоски.
Како последен пример, Фрчкоски го наведе тендерот со Град Скопје, склучен во декември 2025 година.
„Веднаш по седнувањето на Орце Ѓорѓиевски во градоначалничката фотеља, оваа омилена фирма на власта добива тендер вреден 320 илјади евра“, рече тој.
Фрчкоски информираше и дека, според наводите на свиркачите кои ги доставиле информациите, постои сомнеж дека брачни партнери на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле ангажирани од оваа компанија.
„Свиркачите наведуваат дека брачни другари на високи функционери во ВМРО биле дури и на платен список на оваа компанија, преку договори за дело. Овие информации ги истражуваме и дополнително ќе ги објавиме“, рече Фрчкоски.
Тој упати повик до надлежните институции да постапат.
„Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК – дали ќе продолжат да молчат или конечно ќе преземат нешто за скандалите што ги објавува СДСМ? Ние секојдневно ќе ги прозиваме“, порача Фрчкоски.
На крајот, тој додаде дека ова не е изолиран случај.
„Ова е нов случај со 51 тендер и 16 милиони евра, а сè уште нема одговори за скандалите со 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за друга и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ. Еден месец нема никаква реакција. Одговорност ќе има – кога-тогаш. Работата не е завршена“, изјави Фрчкоски.







