Во новиот трилер „The Rip“, кој премиерно ќе се прикажува на Netflix во петок, 16 јануари, Бен Афлек и Мет Дејмон ги толкуваат улогите на полицајци кои се соочуваат со смртта на својот капетан, внатрешна корупција и распаѓање на лојалностите. Оружјето е извадено, довербата исчезнува, а прашањето „кој е на чија страна“ станува централно.
Но, зад камерата, ситуацијата е далеку појасна. Афлек, Дејмон и нивната продукциска компанија Artists Equity постигнаа договор со Netflix кој веќе се смета за потенцијален пресврт во филмската индустрија. За разлика од стандардната пракса на стриминг-платформата – фиксни хонорари без дополнителни исплати – овојпат сите 1.200 луѓе вклучени во продукцијата, вредна речиси 100 милиони долари, ќе добијат еднократен бонус доколку филмот постигне успех.
„Сакавме да внесеме правичност и да се соочиме со реални и итни проблеми во нашата индустрија“, изјави Афлек во интервју, нагласувајќи дека токму поради тоа ја основале Artists Equity кон крајот на 2022 година, со поддршка од RedBird Capital. „Овој договор, филозофски гледано, е суштината на идеите со кои ја започнавме компанијата“, додаде тој.
Филмот пристигнува на Netflix по повеќе од еден месец по големиот договор со кој стриминг-гигантот купи филмска и ТВ-империја вредна 83 милијарди долари од Warner Bros., потег што дополнително ја разниша индустријата и отвори прашања за идниот модел на исплати во Холивуд. Афлек тврди дека иницијативата имала поддршка и од извршниот директор на Netflix, Тед Сарандос.
Покрај Афлек и Дејмон, во актерската екипа се и Стивен Јун, Саша Кале, Скот Адкинс и Тејана Тејлор, која неодамна освои Златен глобус за улогата во филмот One Battle After Another. Режијата е на Џо Карнахан, познат по „Smokin’ Aces“, „The A-Team“ и „Boss Level“.
Со „The Rip“, Афлек и Дејмон не нудат само уште еден полициски трилер – туку и модел што може да го редефинира односот меѓу стриминг-платформите и луѓето што ги создаваат филмовите.





