Американскиот режисер и актер Тимоти Басфилд, добитник на наградата Еми, во вторникот доброволно се предал на полицијата во сојузната држава Ново Мексико, откако против него биле поднесени сериозни обвиненија за сексуално злоставување малолетници.
Според информациите на Си-Ен-Ен, Басфилд бил уапсен врз основа на налог издаден минатата недела во Албукерки, кој вклучува две точки за недозволен сексуален допир со малолетник и една точка за злоставување дете.
Портпаролот на полицијата во Албукерки, потврди дека Басфилд бил приведен.
Обвинувањата
Според кривичната пријава поднесена од истражител на полицијата во Албукерки, едно од децата изјавило дека имало седум години кога Басфилд наводно го допирал три или четири пати по интимните делови преку облеката, додека работеле на сетот на ТВ-серијата The Cleaning Lady, која тој ја режирал.
Во друга прилика, кога детето имало осум години, наводно биле регистрирани уште пет или шест вакви случаи. Детето изјавило дека не се осмелило да каже никому, бидејќи Басфилд бил режисер и се плашело од можни последици.
Неговиот брат близнак, исто така, изјавил дека бил допрен од Басфилд, но не навел конкретни детали. Тој рекол дека не пријавил ништо затоа што не сакал да „впадне во неволја“.
Негација на обвиненијата
Во текот на испрашување спроведено минатата есен, Басфилд ги негирал сите обвиненија, наведувајќи дека мајката на децата можеби се обидува да се одмазди поради тоа што близнаците биле заменети во серијата.
Тој признал дека можеби ги подигнувал и ги скокоткал децата, опишувајќи го снимањето како „разиграно опкружување“.
„Ќе се соочам со овие лаги. Тие се ужасни. Сè е лага“, изјавил Басфилд, според судските документи.
Неговиот адвокат засега не одговорил на новинарските барања за коментар.
Истрага и последици
Мајката на близнаците, кои во судските списи се наведени само со иницијали, ги пријавила сомнежите до службите за заштита на деца, наведувајќи дека наводните злоупотреби се случувале од ноември 2022 до пролетта 2024 година.
Истрагата официјално започнала во ноември 2024 година, откако истражител се одзвал на повик од лекар од болницата при University of New Mexico Hospital, каде што родителите се обратиле по препорака на адвокатска канцеларија.
Според пријавата, на едно од децата му била дијагностицирана посттрауматска стресна состојба и анксиозност, а социјален работник забележал дека детето има ноќни кошмари поврзани со наводните настани.
Серијата The Cleaning Lady се емитуваше четири сезони на Fox и заврши во 2025 година. Продуцентската куќа Warner Bros, според судските документи, спровела внатрешна истрага, но не успеала да ги потврди наводите.
Басфилд е во брак со актерката Мелиса Гилберт и е познат по улоги во серијата The West Wing, како и во филмот Field of Dreams. Во 1991 година ја доби наградата Еми за најдобра споредна машка улога во драмската серија .





