Машиновозач загина, а најмалку 14 лица се повредени во тешка железничка несреќа што се случи во близина на Барселона, соопштија локалните власти, пренесува Би-Би-Си.
Според првичните информации, воз од регионалната мрежа Rodalies удрил во потпорен ѕид кој се урнал врз пругата на делницата меѓу Желида и Сант Садурнија. Итните служби во моментот ја проценуваат тежината на повредите кај патниците.
На местото на несреќата во Желида, околу 35 километри западно од Барселона, биле испратени 11 возила на итната медицинска помош. Локалната противпожарна служба соопшти дека на терен интервенирале 35 пожарникарски екипи, кои морале да спасуваат еден патник заглавен во возот.
Повредените биле пренесени во блиските болници, а железничкиот сообраќај на овој дел од пругата е во прекин.
Несреќата се случува во услови на сериозни временски неприлики на истокот и северозападот на Шпанија. Голем дел од крајбрежните области се под висок степен на предупредување, забележани се снежни бури во Пиринеите, како и силни невремиња долж брегот на Менорка, каде брановите достигнувале височина од неколку метри.
Втора тешка несреќа за кратко време
Оваа несреќа во Каталонија се случи само два дена по тешкиот судир на два брзи воза во Адамус, во Андалузија.
Во таа несреќа загинаа најмалку 42 лица, откако вагоните на воз што сообраќал кон Мадрид излетале од шините, преминале на спротивната пруга и се судриле со надолазечки брз воз.
Редакција Фронтлајн





