Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа на врвот на листата на политичари од земји членки на НАТО со најскапи часовници, оценувајќи дека тоа е симбол на отуѓеноста на власта од реалниот живот на граѓаните.
Од СДСМ наведуваат дека членството на Македонија во НАТО е резултат на сериозна и одговорна државничка политика водена од нивната партија, за разлика од, како што велат, личните приоритети на Мицкоски.
„Да се прашуваше Мицкоски тогаш, денес ќе бевме руска провинција или кинеска колонија, а не членка на НАТО“, се вели во соопштението.
Според анкетниот лист за имотната состојба, Мицкоски поседува колекција на часовници вредна околу 60.000 евра. Во исто време, минималната плата во Македонија изнесува 396 евра, што значи дека вредноста на часовниците на премиерот е еднаква на 150 минимални плати, истакнуваат од СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека на македонски работник би му биле потребни најмалку 12 години работа, без да потроши ниту денар за живот, за да заработи сума колку што вредат часовниците на премиерот.
„Ова ли е ‘четвртата економија во Европа’ за која зборува Мицкоски?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата нагласува дека Македонија има една од најниските минимални плати во Европа, споредувајќи ја со земјите од регионот – Црна Гора каде минималната плата изнесува 600 евра, Србија од 505 до 580 евра, Босна и Херцеговина 525 евра и Албанија 444 евра.
„Додека македонските работници молат за леб, Владата на Мицкоски им вели дека нема пари за зголемување на платите. Пари има за скапи часовници, тендери, нов авион и туристички патувања како она во Давос, но нема пари за работниците“, обвинуваат од СДСМ.
Според партијата, доаѓањето на таканаречени „економски работници“ дополнително покажува дека поголеми плати за домашните работници нема да има.
„Тоа е политиката на Мицкоски“, порачуваат од СДСМ.








