Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа на, како што велат, обидот на СДСМ да отвори тема за личниот имот и вредноста на часовниците на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Во соопштението се наведува дека не е никаква тајна оти Мицкоски пред влезот во политиката работел во бизнис-секторот, конкретно во енергетиката, каде што соработувал со реномирани светски компании и остварил легални и јавно објаснети приходи.
„Сето тоа е во периодот пред да влезе во политиката. Од моментот кога станува дел од политичкиот живот, Мицкоски престанува со каква било бизнис-активност за приватни компании. Сите негови приходи се чесни, транспарентни и детално прикажани“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прават споредба со раководството на СДСМ, посочувајќи ги Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, за кои тврдат дека пред политиката немале значаен капитал, а по нивното владеење се појавиле со имот и бизниси кои, според партијата, се со сомнително потекло.
„Куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во странски авиокомпании, фирми во и надвор од државата, подароци од компании што добивале тендери – тоа е разликата меѓу Мицкоски и Филипче со Заев“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека, наместо обвинувања, СДСМ треба „да погледне во сопствениот двор“, а доколку има сомнежи за незаконско работење, да се обратат до надлежните институции.
„Ако имаат сомнеж, нека се обратат до судиите и обвинителите на кои им служеа со години и нека проверат“, се додава во реакцијата.
Од друга страна, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа на врвот на листата на политичари од земји членки на НАТО со најскапи часовници, оценувајќи дека тоа е симбол на отуѓеноста на власта од реалниот живот на граѓаните.
Според анкетниот лист за имотната состојба, Мицкоски поседува колекција на часовници вредна околу 60.000 евра. Во исто време, минималната плата во Македонија изнесува 396 евра, што значи дека вредноста на часовниците на премиерот е еднаква на 150 минимални плати, истакнуваат од СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека на македонски работник би му биле потребни најмалку 12 години работа, без да потроши ниту денар за живот, за да заработи сума колку што вредат часовниците на премиерот.
„Ова ли е ‘четвртата економија во Европа’ за која зборува Мицкоски?“, прашаа од СДСМ.
Поврзано:
СДСМ: Часовниците на Мицкоски чинат колку 150 минимални плати








