Членот на Извршниот одбор на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Јон Фрчкоски, денеска на прес-конференција обвини дека во Македонија функционира организиран медиумски систем поврзан со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, како што рече, служи како политичка алатка на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски истакна дека антикорупцискиот тим на СДСМ во изминатиот период систематски го разоткрил начинот на функционирање на таканаречениот медиумски октопод „Алфа–Алта“.
„Знам дека на многу професионални новинари не им беше пријатно да слушаат за свои колеги, но поинаку не можеше. Ние никогаш не ги изедначивме со сите новинари кои професионално си ја работат својата работа, дури и кога го критикуваат СДСМ“, рече Фрчкоски.
Тој нагласи дека било неопходно да се именуваат одредени медиуми за да се дојде до суштината – сопственичката структура и политичката позадина.
„Станува збор за политички проект на ВМРО, за ширење на влијанието на Виктор Орбан и преземање контрола врз стратешките сектори, пред сè медиумите и телекомуникациите“, истакна Фрчкоски.
Купување медиуми преку унгарски структури
Според него, унгарски компании и поранешни високи функционери од унгарскиот јавен сервис, Агнес Адамик и Петер Шац, блиски до Орбан, систематски купувале контролни удели во македонски телевизии и портали.
Фрчкоски наведе дека Шац, поранешен раководител за бизнис-развој во Унгарската телевизија, е основач на повеќе медиумски фирми во Унгарија со јасна политичка ориентација во корист на наративите на Орбан против политиките на Европската Унија.
Агнес Адамик, пак, ја напуштила Унгарската национална телевизија во 2012 година, по што основала медиумски компании во Македонија кои, како што рече, го следеле истиот модел на експанзија.
Како примери беа наведени „Target Media“ ДООЕЛ Скопје, основана во 2017 година од Петер Шац, поврзана со сопственичката структура на телевизијата Алфа ТВ, како и „Adinamic Media“, фирма основана истата година од Агнес Адамик, која контролира повеќе онлајн медиуми, меѓу кои Прва Република, Република и Пресинг.мк. Беше спомната и компанијата „ЕМ Медиа“, сопственик на порталите Курир, Денешен, Економски и Вистина.
Поврзаност со одлуките на Владата
Фрчкоски оцени дека овие медиумски групации функционираат како канали за политичко влијание и идеолошка експанзија во корист на агендата на Орбан.
„Затоа и Орбан ја поддржува ВМРО – сè е поврзано“, рече тој.
Во тој контекст, според СДСМ, треба да се гледа и последната одлука на Владата предводена од Христијан Мицкоски за влез на унгарската компанија 4iG во телекомуникацискиот сектор.
„Ова не е изолиран економски потег, туку дел од поширок политички проект во кој Мицкоски и ВМРО дејствуваат како локални извршители на стратегијата на Орбан – за ширење на неговото политичко и бизнис влијание и преземање контрола врз стратешки сектори“, изјави Фрчкоски.
Апел до меѓународната заедница
Тој предупреди дека со тоа се создава мрежа на авторитарни влијанија која ја оддалечува Северна Македонија од Европската Унија и ја поткопува медиумската независност.
Фрчкоски потсети дека за овие појави веќе реагирале и европратеници, а Европската комисија побарала поголема транспарентност и спречување на опасна медиумска концентрација.
„Нашиот антикорупциски тим ќе продолжи јавно да ги разоткрива овие шеми. По ‘Хрониката на токсични наслови’ ќе се обратиме до сите меѓународни институции, вклучително и до Европската Унија“, најави тој.
Според СДСМ, ова не е прашање на една политичка партија, туку прашање на демократијата, слободата на медиумите и европската иднина на државата.







