Со години холивудските кругови шпекулираа што довело до прекинот на соработката меѓу режисерите браќата Џош Сафди и Бени Сафди, автори на некои од највлијателните независни филмови во последната деценија. Сега, според истражување на Page Six Hollywood, коренот на раздорoт води до сериозен инцидент на снимањето на нивниот пробивен филм Good Time.
Според повеќе извори запознаени со продукцијата, во 2017 година во филмот била ангажирана 17-годишна девојка за улога на проститутка. За време на снимањето во Њујорк, таа била вклучена во сцена што вклучувала голотија и симулиран сексуален чин со актерот Бади Дурес. Изворите тврдат дека сцената излегла надвор од договорените рамки, додека камерите продолжиле да снимаат.
Наводно, Џош Сафди, кој во тој момент ја имал креативната контрола на сетот, не ја прекинал сцената веднаш, што предизвикало сериозна вознемиреност кај малолетната актерка. Според сведоштва, режисерот станал свесен за нејзината возраст истиот ден, по завршувањето на снимањето.
Сцената подоцна била исфрлена од финалната верзија на филмот пред премиерата на Канскиот филмски фестивал, а официјално била објаснета како „креативна одлука“. Сепак, последиците од инцидентот повторно испливале на површина во 2022 година, кога поранешниот продуцентски партнер на браќата, Себастијан Бер-МекКлард, влегол во јавен развод со актерката Емили Ратајковски, при што заканите за откривање на „валкани детали“ од минатото станале дел од судските тензии.
Токму тогаш, според блиски извори, Бени Сафди целосно станал свесен за возраста на актерката и за обемот на случувањата на сетот – што создало длабока пукнатина меѓу браќата. Во 2023 година, нивната креативна соработка и заедничката продукциска компанија официјално биле распуштени.
Прекинот имаше директни професионални последици: заедничкиот проект со Адам Сендлер за Netflix бил откажан, а двајцата режисери продолжија по одделни патишта. Џош Сафди го реализираше филмот Marty Supreme со Тимоти Шаламе, кој освои повеќе оскарски номинации, додека Бени се насочи кон The Smashing Machine со Двејн Џонсон.
Иако двата филма го задржаа вниманието на индустријата, приказната зад нивниот креативен развод отвори поширока дебата за границите на „реализмот“ во филмската уметност, одговорноста кон малолетни актери и толеранцијата на Холивуд кон контроверзни методи на работа.
Како што забележуваат активисти за заштита на деца во индустријата, прашањето што останува не е само кој победил во наградната трка, туку по која цена.
Редакција Фронтлајн





