Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека Скопското Кале ќе биде целосно отворено и ставено во активна културна функција, како дел од визијата Скопје да се развива како Европска престолнина на културата.
Ѓорѓиевски информира дека денеска, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, професорот д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, извршил обиколка и детален увид на локалитетот Скопско Кале.
„Целта е јасно да ја согледаме актуелната состојба и реалните можности за негово понатамошно активирање во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека неговата цел како градоначалник е целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување и ставање во функција за културни и уметнички содржини, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство.
„Низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се интегрирани во современиот културен живот – како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси“, посочи градоначалникот.
Според него, ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна и смислена интерпретација на културното наследство, при што просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на градот.
Ѓорѓиевски потсети дека Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на главниот град.
„Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и колективна меморија. Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации – да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, порача градоначалникот.





