Само неколку дена откако со солзи во очите сведочеше пред суд во Лондон за нарушување на неговата приватност, Принц Хари беше забележан во сосема поинаков амбиент – на Sundance Film Festival, во друштво на сопругата Меган Маркл и холивудската елита.
Контрастот меѓу двете сцени – судница во Лондон и филмски фестивал во Јута – повторно ја отвори дебатата за тоа дали Хари успеал да се оддалечи од конфликтите со британските медиуми и од сенките на кралското минато, шест години по преселбата во Калифорнија, пишува Page Six.
Минатата недела, Хари стана првиот член на британското кралско семејство во модерната историја што сведочел на суд, во процесот против издавачот на Daily Mail, Associated Newspapers Limited. Во сведочењето тој изјави дека животот на Маркл во Британија бил „апсолутна мизерија“ поради, како што тврди, незаконски и агресивни медиумски практики.
„Тие продолжуваат да ме напаѓаат. На мојата сопруга ѝ го направија животот апсолутна мизерија“, изјави Хари пред судот, обидувајќи се да ги задржи емоциите.
Само неколку дена подоцна, во неделата, двојката се појави на Санденс, каде присуствуваше на проекции и се дружеше со филмски професионалци. Еден холивудски извор за американските медиуми изјави дека „преминот од судска битка за приватност до јавен фестивал за неколку дена делува шокантно“, нагласувајќи ја сложеноста на животот што Хари го води меѓу две спротивставени реалности.
Паралелно со личните и правните битки, извори блиски до двојката тврдат дека нивните големи договори со стриминг-платформи и медиумски компании во голем дел се исцрпени, а хуманитарната фондација Archewell минува низ период на реструктурирање и намалување на тимот.
Иако Хари и понатаму тврди дека животот во САД е она што неговата мајка, Принцезата Дајана, би го посакувала за него, неговата професионална иднина останува нејасна. Според дел од изворите, фокусот сè повеќе се насочува кон Invictus Games, проектот што Хари го смета за своја вистинска мисија.
Во меѓувреме, појавувањето на Санденс уште еднаш ја потврди двојната позиција на принцот – истовремено војувајќи со британските медиуми и обидувајќи се да изгради нов идентитет во срцето на американската шоу-индустрија.
Редакција Фронтлајн





