Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против М. Б., претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 4 в.в ст. 1 од Кривичниот законик.
Како што инфорираат од Управата, пријавениот М. Б. во својство на претседател на РКЕ ги злоупотребил својата службена положба и овластувањето на начин што спротивно на Законот за енергетиката и правилникот за лиценци, иако бил должен да почне постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со „евродизел БС“ (Д-Е V), биодизел, „евросупер БС 95“, екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.1.2024 година, таа е одземена дури на 14.4.2025 година. Со тоа, како што посочуваат, ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавните набавки.
– Со горенаведените дејства пријавениот ги повредил прописите што бил должен да ги спроведува и му овозможил на правното лице „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје да оствари вкупен промет во висина од 194.520.962,00 денари и да стекне противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари, прецизираат од Управата за финансиска полиција.





