Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања изјави дека додека тој е претседател на Владата, уставни измени нема да се случат доколку не бидат исполнети два клучни услови – загарантирани права за Македонците во Бугарија и цврсти гаранции дека државата нема повторно да се соочува со блокади од субјективни причини.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи, Мицкоски нагласи дека првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие правата што ѝ припаѓаат согласно меѓународното право, меѓународните конвенции и резолуциите за човекови права.
„Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот е Македонците во Бугарија да ги добијат загарантираните права, а вториот е да добиеме јасни гаранции дека повеќе нема да има билатерални вета, понижувања и блокади од субјективни причини“, истакна Мицкоски.
Тој појасни дека критики и условувања поврзани со владеењето на правото, борбата против криминалот или нефункционирањето на институциите се легитимни, но, како што рече, идентитетските и билатералните прашања не смеат да бидат причина за кочење на европскиот пат на државата.
Премиерот повтори дека нема да поддржи уставни измени без овие гаранции и ги повика пратениците и во иднина да не поддржуваат таков процес без, како што рече, јасна заштита на националните и идентитетските прашања.
Во своето обраќање, Мицкоски се осврна и на состојбата со правата на Македонците во Бугарија, наведувајќи дека тие бараат само можност за здружување и застапување на своите права преку организацијата ОМО „Илинден“ – Пирин.
„Им се одземени правата на културна автономија, јазик и идентитет. Денес тие бараат само здружение кое ќе ги застапува нивните права. Многу ли е тоа?“, изјави Мицкоски.





