Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја повика Владата предводена од Христијан Мицкоски да обезбеди средства за зголемување на минималната плата на 600 евра, нагласувајќи дека не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците.
Од СДСМ порачаа дека наместо изговори за непокачување на платите, Владата треба да покаже политичка волја и да најде пари за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа, а последиците веќе се видливи. Квалификувани работници масовно заминуваат во странство, младите се иселуваат, додека државата увезува таканаречени економски работници“, соопштија од партијата.
Во реакцијата се потсетува дека за време на владеењето на минималната плата била зголемена од 8.000 на над 20.000 денари, а просечната плата од 22.000 на над 42.000 денари, при што, како што наведуваат, парите завршувале директно кај граѓаните.
Имајќи ја предвид сè потешката економска состојба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, од СДСМ информираат дека подготвиле нови законски решенија за зголемување на минималната плата на 600 евра и за замрзнување на платите на функционерите.
„Законот е ставен на маса. Сега ќе се види кои партии ќе застанат на страната на работниците, а кои ќе останат на страната на тендерите“, се наведува во соопштението.







