Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, испрати порака со оддавање почит кон делото на македонскиот револуционер и визионер, Гоце Делчев.
„Денеска одбележуваме 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, еден од визионерите кој ги постави темелите на македонската државотворност.
Делата на Делчев се нашиот потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Неговата порака за “светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес е јасен повик дека Македонија мора да оди напред, кон модерна, просперитетна и европска држава, а не назад во изолација.
Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика. Да го продолжиме аманетот на Делчев, да градиме напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива. Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев”, стои во пораката на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден. Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“, истакнуваат од СДСМ.








